Јован Карчовски: На општините им требаат менаџери со визија и со љубов кон општината
Малку повеќе труд, со малку повеќе домаќинлук, со подобро менаџирање на општинските пари да се направи навистина голема разлика, е мотивот на Јован Карчовски чие име се споменува како неофицијален кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Локалните избори.
-На Аеродром му фалат средени паркови со нова опрема и редовно одржувани, му фалат градинки, средно училиште, основни училишта. Сите до сега се фалеа „Европски Аеродром, зелен Аеродром“, а во моментов гледаме Аеродром со суви жолти исушени лисја, обраснати треви, прашина од премногу градби, ресторани во училишни дворови и многу други неубави глетки. Аеродромци тоа го знаат. Аеродром не е обично место во кое се живее, Аеродром се сака!, вели Јован Карчовски во интервју за Прес 24.
Смета дека на Аеродром му треба еден вид на партнерство, или договор за иднината.
-Тоа партнерство најпрво треба да почне со решавање на внатрешните вештачки поделби помеѓу урбаниот дел на Аеродром и Лисиче. Едноставно е, Аеродром и Лисиче треба да си подадат рака и рамо до рамо да одат напред кон иднината. Аеродром е голема општина по површина. Но урбаниот дел од Аеродром е пренаселен, а Лисиче е далеку од урбанизирано и средено. Да го растеретиме Аеродром, и да го средиме и прошириме Лисиче, еве една потенцијална убава идеја за развој, опотенцира во интервјуто за Прес24.
Карчовски вели дека политиката на актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ да обезбеди нови кадри и нови имиња е клучна за успешно менеџирање на општините.
-Нам ни треба „нови и способни“, луѓе кои оставиле трага во животот и во својот професионален развој, луѓе за кои нивните соседи имаат добро мислење, луѓе кои се грижат прво за својата околина и кои имаат визија и подготвеност да решаваат проблеми. На општините им требаат менаџери со визија и со љубов кон општината, вели Јован Карчовски, потенцијален кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник во Општина Аеродром.
ПРЕС 24: Нефицијално вашето име се споменува како потенцијален кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Општина Аеродром. Што ќе значи за Вас овој предизвик?
КАРЧОВСКИ: Пред се’ огромна чест и уште поголема одговорност. Од досегашните официјално најавени кандидати на ВМРО ДПМНЕ за другите општини, станува јасно дека ова раководство на чело со Христијан Мицковски има поинаков пристап и јасна визија за тоа како го замислуваат развојот на државата на локално ниво, и тоа ме прави горд што сум дел од оваа структура. Инаку, јас сум роден во општина Аеродром, цел живот живеам во Лисиче, го сакам Аеродром, знам како дише и знам како се гуши во моментов. Знам што мене и на моите блиски ни пречи. Поаѓајќи од себе, и разговарајќи со многу мои пријатели и другари кои ме охрабрија токму затоа што го знаат мојот карактер и упорност, ми дојде идејата да размислувам за општина Аеродром на едно подлабоко, посуштинско ниво. Да се задлабочам во конкретните проблеми со кои се соочуваме секојдневно, да размислувам на можни решенија. Посебно ми е важно мислењето на младите кои живеат во нашата општина, тие секогаш имаат свежи идеи, иницијатива и желба за промена. Аеродром отсекогаш била општина во која живееле и работеле млади луѓе, и ме боли што се’ повеќе млади и квалитетни луѓе го напуштаат Аеродром.
ПРЕС 24: Кој е мотивот да се биде градоначалник како Аеродром, општина која дел од урбаните средини во државата?
КАРЧОВСКИ: Јас сум човек кој на улица го испекол занаетот наречен живот, а низ образование и работа сум се оформил како човек. Успешно сум работел во бизнис секторот, работам во државна институција, го сакам животот и дружењето со пријателите и со семејството. Можеби звучи нескромно, но се сметам себеси за реализиран човек. Но околината во која живеам, почнувајќи од мојата куќа во Лисиче, мојот двор, моето маало и мојата општина се работи кои сакам да бидат средени. За мене да ми биде добро, мора и на другите да им биде добро. Оттука главниот мотив би бил со малку повеќе труд, со малку повеќе домаќинлук, со подобро менаџирање на општинските пари да се направи навистина голема разлика. Граѓаните да си речат: ете можело значи да биде подобро! Ако општината и општинското раководство покажува дека се грижи за сите, тогаш и граѓаните ќе имаат мотив да се грижат повеќе за својата околина. Да фрлаат отпад таму кадешто треба, да се грижат за општинската инфраструктура, да го почитуваат редот и правилата на однесување. На Аеродром му фалат средени паркови со нова опрема и редовно одржувани, му фалат градинки, средно училиште, основни училишта. Сите до сега се фалеа „Европски Аеродром, зелен Аеродром“, а во моментов гледаме Аеродром со суви жолти исушени лисја, обраснати треви, прашина од премногу градби, ресторани во училишни дворови и многу други неубави глетки. Аеродромци тоа го знаат. Аеродром не е обично место во кое се живее, Аеродром се сака!
ПРЕС 24: Како жител на општината како го оценувате развојот на оваа општина од нејзинот основање, со оглед на тоа што последниве седум осум години драстично се менува ликот со нови згради?
КАРЧОВСКИ: На општина Аеродром и фали концепт за развој, а не стихијно работење и менување на приоритетите од ден во ден, од градоначалник до градоначалник. Ние жителите точно си ги знаеме проблемите на нашата општина, секојдневно живееме со нив. Несфатливо ми е како е можно најурбаната општина во Македонија уште да има дупки по улиците, да нема тротоари, да нема велосипедски патеки. Убави и одржувани паркови, чисти улици, спортски терени, локални бизниси кои цветаат. Тоа се работи што требаше да се завршат уште минатиот век. Но, за Аеродром од 21-ви век, треба да се направи сеопфатен концепт за развој на општината, ако треба и со експерти надвор од Македонија, и во разговор со граѓаните и политичките партии да се усвои таков концепт, кој нема да се менува во зависност од тоа кој е на власт. Нам во Аеродром ни треба еден вид на партнерство, или договор за иднината. Тоа партнерство најпрво треба да почне со решавање на внатрешните вештачки поделби помеѓу урбаниот дел на Аеродром и Лисиче. Едноставно е, Аеродром и Лисиче треба да си подадат рака и рамо до рамо да одат напред кон иднината. Аеродром е голема општина по површина. Но урбаниот дел од Аеродром е пренаселен, а Лисиче е далеку од урбанизирано и средено. Да го растеретиме Аеродром, и да го средиме и прошириме Лисиче, еве една потенцијална убава идеја за развој.
ПРЕС 24: Кога би ги оценувале Златко Марин и Ивица Коневски, кои оценки би дале?
КАРЧОВСКИ: Мојот татко Миле Карчовски, кој беше долгогодишен професор во тогашното Борис Кидрич, сигурно би го сместил Златко Марин во групата на вечни „понављачи“. За жал, актуелниот градоначалник е огромно разочарување за сите жители на Аеродром. Велам за жал бидејќи развојот на општината мора да има континуитет, без разлика кој е на власт. Но впечаток е дека Златко Марин ништо не направи за општината, а и оние работи кои од претходното раководство беа добри (парковите во Аеродром) ги запушти. Овој градоначалник не се грижи за општината, и толку. Да добиете шанса да ја водите една од најубавите општини во државата и сосема да ја прокоцкате таа шанса, е тоа е навистина неправда и злостор кон жителите на Аеродром. Во мандатот на претходниот градоначалник доста се градеше низ Аеродром и се направија многу зелени површини, паркови и фонтани, кои денес за жал се запуштени. Факт е сепак дека Аеродром се наполни со згради, и дел од нив се градеа неплански, без концепт. Она што му го замеруваме на претходниот градоначалник е дека сосема го запостави Лисиче, а тоа ние Лисичаните тешко го простуваме
ПРЕС 24: Како гледате на овие локални избори? Некои анкети даваат предност на СДСМ, некои на ВМРО ДПМНЕ?
КАРЧОВСКИ: Луѓето се многу, ама многу разочарани. И на централно и на локално ниво. Имам впечаток како да им е одземена надежта дека утре може да биде подобро. Оттука јасна е поддршката што ја даваат на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но јасна е и одговорноста кој на свој грб ќе ја има ВМРО-ДПМНЕ да ги понуди најдобрите и најспособните кадри. Овие избори се неверојатна шанса за опозицијата да покаже како се работи и како се прават резултати. Убеден сум дека таа тоа може и знае да го направи. Од друга страна, пандемијата, карантинот и економската криза покажуваат дека на граѓаните се’ поважен им е просторот и околината во кои живеат. Дека сакаат дома да им биде добро, да им биде среден дворот, улицата да нема дупки, децата безбедно да можат да играат и да спортуваат, да дишат чист воздух, да работат и да создаваат во општината, културно да се издигнуваат. Со еден збор, да имаат квалитетен и исполнет живот.
ПРЕС 24: Прашањето ми е што за Вас ќе значи победа на локалните избори?
КАРЧОВСКИ: Еден глас повеќе на советничките листи е чиста победа, бидејќи тоа ќе биде јасен индикатор дека граѓаните сакаат промена и на локално и на централно ниво. Победа во големите скопски општини, во некои од поголемите градови во внатрешноста, како и во руралните средини е исто така индикатор кој ќе значи почеток на брзиот крај на власта. Јас во тоа нема дилеми: овие локални избори ќе го означат пресвртот на политичката сцена во Македонија.
ПРЕС 24: Раководатвото на партијата најави нови имиња во политиката, колку тоа може да биде хендикеп, а колку предност кога станува збор за локални избори?
КАРЧОВСКИ: Граѓаните бараат свежина, бараат нови лица и нов пристап. Тоа го покажуваат сите анкети на јавното мислење. Но, само „ново“ не е доволно. Тоа можеби е доволно за победа, но не значи автоматски дека новите ќе бидат подобри градоначалници или советници. Нам ни треба „нови и способни“, луѓе кои оставиле трага во животот и во својот професионален развој, луѓе за кои нивните соседи имаат добро мислење, луѓе кои се грижат прво за својата околина и кои имаат визија и подготвеност да решаваат проблеми. На општините им требаат менаџери со визија и со љубов кон општината. Тие три состојки се формула за успех. Од веќе најавените кандидати за градоначалници од редовите на ВМРО ДПМНЕ, гледам дека Христијан Мицковски и раководството на партијата ја нашле токму таа формула за успех и убеден сум дека таквиот пристап ќе донесе позитивен резултат.
ПРЕС 24: ВМРО ДПМНЕ почна една политичка платформа Македонија за сите луѓе. Дали таа платформа треба да покаже некаква дистанца од досегашните политики кои беа оценувани со доза на национализам?
КАРЧОВСКИ: Мислам дека погрешна е перцепцијата дека ВМРО ДПМНЕ е националистичка партија. Да, таа е национална партија, која се грижи етничките Македонци да се чувствуваат добро во својата држава, да бидат свои на своето. Притоа почитувајќи ги сите останати етнички заедници кои Македонија ја чувствуваат како свој дом. И не гледам тука ништо страшно ни спорно. Така и го разбирам слоганот Македонија на сите луѓе. Ние Македонците можеби имаме нагласено чувство и емоција за државата во која живееме, но оваа држава е на сите луѓе и сите треба да ја сакаме како своја. Ако тоа го постигнеме, сите ние ќе имаме добра држава, и ќе бидеме лојални граѓани на истата. Сите модерни европски конзервативни партии негуваат слична позиција, и нивните демократии функционираат добро. ВМРО-ДПМНЕ ја сака Македонија, а љубовта е важна работа во животот, нели?
ПРЕС 24: Кои според Вас се наголемите три грешки на актуелната власт во нејзиниот мандат?
КАРЧОВСКИ: Ги има многу, можеби премногу. Првата која би можел да ја издвојам е урнисување на достоинството на македонскиот народ. Тоа најмногу ме боли. Компромиси во политиката, како и во животот, веројатно мора да се прават, но она што се случи со Договорот од Преспа и особено ова со Бугарија некако ја прелеа чашата. Особено што се чини дека многу малку добивме како држава и како народ, а премногу отстапивме. Емотивната цена што ја платија
Македонците страшно ќе и’ се удри од глава на актуелната власт. Втора работа е чувството дека оваа власт не знае да менаџира. Не знае да спроведува политики, ни добри ни лоши. Впечаток е дека институциите се заспани и многу малку работат, или работат само за нечии интереси, а не за интересите на граѓаните. Конечно, третата грешка е на локално ниво. Да имате толку многу општини и речиси ниту една да не функционира добро, е тоа е проблем не само на актуелните општински раководства кои се неспособни за микроменаџирање, туку е проблем и со целата филозофија на владеење.
ПРЕС 24: И уште едно прашање околу локалната власт. Потребни ли се промени на концептот за децентрализација, со оглед на тоа дека искуството покажува многу локални власти тешко преживуваат. Што според вас треба да се менува?
КАРЧОВСКИ: Општините кои имаат солидни приливи (како што е општина Аеродром) треба да се остават сами и да им се дадат одврзани раце, бидејќи локалците најдобро си ги знаат проблемите и претпоставка е дека најдобро ќе можат да ги менаџираат. Конечно, и градоначалникот и советниците се жители на Аеродром, и тие се нечии соседи, пријатели, одат на кафе во исти кафулиња, ги носат децата во истите паркови, работат или спортуваат во општината. За мене е срамота ако моите соседи, пријатели и жители на мојата општина ме изберат на раководна функција, а јас да не ја оправдам таа доверба. Би ми било срам на улица да излезам, а јас ја сакам улицата, ја сакам општината, сакам да се движам со многу луѓе и да комуницирам со граѓаните на дневно ниво. Другиот проблем е во самата општинска администрација и внатрешниот капацитет кој го има општината. Во денешно време на интернет и комуникации, општина Аеродром треба да биде лидер во привлекување на странски фондови и инвеститори, во склопување на јавни-приватни партнерства, во привлекување на ЕУ фондови. Посебен фокус треба да се даде на обука на општинската администрација, која треба да биде фокусирана на решавање на проблемите, а вработените да бидат задоволни од себе и од работата што ја завршиле за своите сограѓани. Аеродром треба да блеска, не признавам ништо помалку од тоа!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа