Календар на МПЦ: Утре се празнува Слегувањето на Светиот Дух- Педесетница (трет ден)

 

Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница (трет ден)

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.

Тропар
Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, испраќајќи им Го Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти.

Кондак
Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно Го славиме Сесветиот Дух.

Преподобен Јустин Ќелиски

Благоје Поповиќ, подоцна отец Јустин, е роден во Врање на 7 април (25 март по стар календар) 1894 година, од родителите Спиридон и Анастасија, чии предци водат потекло од македонското Свети Николе. Семејството Поповиќ со генерации било свештеничко, единствено таткото на Благоје бил само клисар. Благоје бил најмладото дете, а имал постар брат Стојадин и сестра Стојна. Како дете често со родителите одел кај светиот Прохор Чудотворец во Пчинскиот манастир и таму стоел на молитва и богослужби, а еднаш бил и личен сведок кога со божествената сила на Светителот неговата мајка Анастасија добила чудесно исцеление од тешка болест. За длабоката побожност на својата мајка и самиот подоцна често кажувал, а од неговите белешки е објавен и потресен запис за блаженото преставување на праведната „слугинка Божја Анастасија – Воскресничка, мојата бесмртна дародавателка“. По завршувањето на Богословијата „Свети Сава“ во Белград, во јуни 1914, Благоје сакал да прими монашки потстриг, на сите отворено велејќи им дека сака целиот свој живот да Му го посвети на Бог, за да биде што поблиску до Него и до својот рано починат брат. Неговите родители се противеле на оваа желба и на сите начини се обидувале да го спречат своето дете да стане монах. За време на Првата светска војна Благоје бил мобилизиран во „ученичката чета“ при Воената болница во Ниш. Подоцна неговата чета заедно со војската и свештенството се повлекла преку Албанија. Пристигнувајќи во Скадар, Благоје го молел патријархот Димитриј да го потстриже. Патријархот го дал својот благослов и Благоје станал монах Јустин, по светиот маченик Јустин Философ (2. век по Христос), голем апологет во историјата на христијанската патристика и значаен философ на христијанството. Тогашната власт ги префрлила со еден стар брод богословите до Бари, а потоа преку Париз тие пристигнале во Лондон, каде што ги прифатил јеромонахот Николај (Велимировиќ). Од Англија, каде што со групата богослови бил привремено сместен, со благослов на српскиот патријарх Димитриј, Јустин се префрлил на Духовната академија во Петроград. Заради немирите кои надоаѓале, богословите во јуни 1916 година биле повлечени назад во Англија. Овде неговиот поранешен професор од Богословијата, светиот Николај (Велимировиќ), го запишал отец Јустин на Оксфорд. Тој таму до 1919 година ги поминал редовните студии по теологија, издржувајќи се сам а не од стипендиите на англиската влада, но диплома не добил бидејќи докторската теза „Религијата и философијата на Ф.М.Достоевски“ не му била прифатена. Имено, во дисертацијата тој остро го критикувал западниот хуманизам и антропоцентризам, особено оној во римокатолицизмот и протестантството, одбивајќи го барањето на своите англиски професори да ги ублажи и измени овие свои ставови. Набргу по враќањето во Србија, патријархот Димитриј го пратил во Грција. Станал стипендист на Светиот Синод. За време на едно кратко престојување дома, во мај 1920 година, бил возведен во чинот јероѓакон. Во Грција, како и во Русија и во Англија, го запознал тамошниот свет. Особен впечаток на него оставила една постара жена, Гркинка, кај која живеел. За неа тој има кажано дека од неа научил повеќе отколку на целиот Универзитет. Како јероѓакон често сослужувал во грчките храмови. Но, Светиот Синод наеднаш му ја скратил стипендијата на отец Јустин, пред самиот докторат, и тој морал во 1921 година да се повлече во Србија и да стане наставник во Карловачката Богословија. Таму предавал Свето Писмо на Новиот Завет, Догматика и Патрологија. Тука го примил јеромонашкиот чин. Со текот на времето станал уредник на православното списание „Христијански живот“. Познати се неговите написи „Од уредничката маса“. Понекогаш перото му „било поостро“ и се допирало и до некои тогашни неправилности во клирот на СПЦ и во Богословските училишта. Во Карловачката Богословија (во која во меѓувреме бил преместен), некој од работната маса му ја украл докторската дисертација за гносеологијата на свети Исаак Сирин и свети Макариј Египетски. Но за неколку дена ја напишал приближно истата дисертација „Учењето на свети Макариј Египетски за тајната на човековата личност и тајната на нејзиното познание“ и докторирал во Атина во 1926 година. Набргу потоа бил протеран од Карловачката Богословија во Призрен, каде што поминал околу една година, точно онолку време колку што било потребно да згасне списанието „Христијански живот“. За тоа време на Запад, во Чешка се јавува движење меѓу унијатите за враќање во Православната вера. Отец Јустин бил избран за помошник на владиката Јосиф (Цвијовиќ) во мисијата во Прикарпатска Русија. Набргу Светиот Синод одлучил да го назначи за Епископ. Тој го одбил ова, со образложение дека е недостоен за овој чин. После тоа ниту еднаш не бил биран или предлаган за Епископ. Потоа бил поставен за професор во Битолската Богословија. Тогаш целата атмосфера во Богословијата била проникната со подвижничкиот дух и благодатното раководство на професорите Јован Максимович (свети Јован Шангајски и Сан-франциски), Јустин Поповиќ (преподобен Јустин), Кипријан Керн. Тој факт укажува дека во оваа Богословија не преовладувал духот на парадоксалното разминување на схоластичкото образование со живото сведочење на верата, толку типично за богословските институции на 20 век. Учениците на овие свети подвижници подоцна стануваат клирици и вероучители во возобновената Охридска Архиепископија и се иницијатори за основање на новата Богословија во 1967 година, како и на Богословскиот Факултет „Свети Климент Охридски“ во 1977 година. Во Битола авва Јустин ја напишал првата книга од својата „Православна Догматика“. Често го помагал и пишувал пофално за богомолското движење кое го водел светиот владика Николај и бил сотрудник на мисионерското поле со православните Руси – бегалци од црвената револуција. Во 1934 година станал професор на Богословскиот факултет при Белградскиот Универзитет. Бил еден од основачите на Српското философско друштво во 1938 година во Белград. Преведувал богословско-аскетска и светоотечка литература. По избивањето на Втората светска војна, отец Јустин живеел во повеќе манастири. Најмногу време поминал во овчарско-кабларските манастири, во кои и бил уапсен по војната од страна на комунистичките власти. По притворот, се префрлил во манастирот Ќелии кај Ваљево во 1948 година, со благослов на Владиката Шабачко-ваљевски Симеон и игуменијата Сара, која неколку години претходно со неколку свои сестри дошла од манастирот Љубостиње во овој манастир. За самиот живот на отец Јустин во Ќелии може многу да се каже. Постојано бил прогонуван, сослушуван, приведуван од властите. Малкумина биле оние што застанале во негова одбрана. Тоа биле Ќелиските сестри, предводени од игуменијата Гликерија, протоерејот Живко Тодоровиќ – парох на Лелиќ, неговите ученици и останатите почитувачи… Како човек и духовник отец Јустин секогаш бил отворен, полн со љубов за секој човек. Има многу живи сведоштва дека неговата вера и ревносна предаденост на Христос – Вистината, длабоката ученост и мудрост, проникливоста и богоречивоста извршиле пресудно влијание на многумина, па така тој и пред и по војната духовно однегувал и упатил во епископска служба десетина свои ученици, а во свештеничка служба и монашки подвиг на стотици и илјади млади души. Авва Јустин имал дар на плач, молејќи се на секоја богослужба со обилни солзи и спомнувајќи на светата Литургија стотици имиња на живи и упокоени. За неговиот дар на проѕорливост сведочи и неговото слово за великиот старец Клеопа, кој го посетил во манастирот Ќелии и побарал совет дали да остане на Света Гора: „Отец Клеопа, ако отидеш на Света Гора, ќе додадеш уште еден цвет во Градината на Богомајката. Но кому ќе му ги оставиш верните? Таму, оче свет, се молиш само за себе. А во земјата се молиш за сите и можеш да приведеш кон Бог многу души лишени од наставници… Јас велам да останеш во земјата, оче свет, да се спасиш и себеси и да помогнеш во спасението на другите. Тоа е најголемо добро дело на сегашните монаси. Особено сега, кога се бориме со безверието, со сектите, со религиозната индиферентност!“ Бројните теолошки трудови на авва Јустин (околу 40 тома), освен догматика и егзегетика, опфаќаат области од патристиката, аскетиката, литургиката, како и теми од христијанската философија и особено од православната антропологија и од на Православие заснованата философија на културата. Тој ги имал добро совладано и говорел повеќе стари и современи светски јазици: старословенски, грчки, латински, романски, новогрчки, англиски, германски, француски. Отец Јустин се упокои во исто време и ист ден кога е и роден – на празникот на светото Благовештение, на 7 април (25 март) 1979 година. Неговиот спомен ќе се слави на 14 јуни, на денот кога Православната Црква го слави и споменот на свети Јустин Философ.

Светиот маченик Јустин Философ

Роден од елински родители во самарјанскиот град Сихем, подоцна наречен Наблус, во 105 година после Христа. Усрдно ја барал мудроста кај философите, најпрво кај стоиците, потоа кај перипатетичарите, па кај питагорејците и најпосла кај платоничарите. Иако ни Платоновата философија не го задоволувала, сепак најдолго се задржал на неа, бидејќи не наоѓал нешто коешто повеќе би го привлекувало. Но по Божја Промисла му се јави еден чесен старец, кој ја поколеба во него сета Платонова философија и му напомена дека луѓето не можат да ја знаат вистината за Бога додека Бог не им го открие тоа, а Бог ја откри вистината за Себе во книгите на Светото Писмо. Јустин почна да го чита Светото Писмо и сиот стана убеден христијанин. Сепак не сакаше да се крсти ниту да се нарекува христијанин с ? додека лично не се увери во лажноста на сите обвиненија коишто незнабошците ги истакнуваа против христијаните. Со оглед дека во Рим дојде во философска долама, тој набрзо стекна таму голем углед и многубројни приврзаници. Присуствуваше на маченичкото кончание на Светите маченици Птоломеј и Лукиј. Кога го виде мачењето на невините христијани, напиша апологија на христијаните и на христијанското учење и му ја предаде на царот Антонин и на сенатот. Царот со внимание ја прочита апологијата и нареди да престане гонењето на христијаните. Јустин зеде препис од царската наредба и со неа отиде во Азија, каде што со помош на наредбата спаси многумина гонети хтристијани. Потоа се врати повторно во Рим. Кога настана гонењето од царот Марко Аврелиј, тој напиша друга апологија и му ја упати на царот. Некој нечесен философ Крискент, циник, го обвини како христијанин, од завист затоа што Јустин го надвладуваше во сите препирки и така Јустин падна во затвор. Посакувајќи му смрт, а плашејќи се сепак да не се оправда на судот, Крискент најде прилика и некако го отру Јустин во затворот. Така го заврши својот земен живот овој голем заштитник на христијанската вера и се пресели во блажената вечност во 166 година.

Тропар
Како птица која го прелетува морето, така ти, Јустине свет, ја надмина мудроста на овој свет, дознавајќи дека вистинско познание се добива само со молитва, трагајќи по философијата по Бога, научи дека крајната мудрост е да стигнеш до срцето, круна на познанието е дарот на расудувањето, а мајка негова е љубовта со која се освојува сечија душа. О богомудар философе, моли се за секој кој е заплеткан во мрежите на многуговорливоста, да ја познае Главата на мудроста, а тоа е Христос – Патот, Вистината и Животот.

Светите маченици Јустин, Харитон, Харита, Евелпист, Еракс, Пеон, Валеријан и Јуст

Сите пострадаа во Рим за време на Марко Аврелиј и епархот Рустик. Кога Рустик ги запраша: „Вие мислите дека ако умрете за Христа ќе примите награда на небото?“, Свети Јустин одговори: „Не мислиме, туку знаеме“. Потоа беа сите обезглавени, во 163 година, и се преселија во вечното царство на Христа Бога.

Тропар
Верата Христова ве подготви на подвиг благодатен, о Јустине, Харитоне, Харито, Евелписте, Јераксе, Пеоне и Ливеријане, и сведоштвото ваше маченичко н? умудрува катадневно: без Христа ништо не можеме. Радувајте се, храбри војници, чие патешествие внесе светлина во нашите души.

Преподобен Агапит Печерски

Исцелител бесребреник. Ученик на Св. Антониј Печерски. Ги лечеше луѓето со молитва и давајќи им од зелјето од кое самиот си правеше леб за себе. Така го излечи и кнезот Владимир Мономах, заради што се прочу насекаде. Му позавиде на тоа лекарот на овој кнез, некој Ерменин, и почна да го клевети. Кога Агапит се разболе, дојде кај него Ерменинот и му рече дека ќе умре за три дена, но ако не умре, дека и тој самиот, Ерменинот, ќе се замонаши. А Агапит му рече на Ерменинот дека нема да умре за три дена, туку за три месеци. Така и се случи. По смртта на Агапит, дојде Ерменинот кај печерскиот игумен и го замоли да го замонаши, зашто како што рече, му се јавил од оној свет Свети Агапит и го потсетил на ветувањето. И така некогашниот завидливец по Божја Промисла стана кроток монах, кој им посакува спасение на сите луѓе. Се упокои Свети Агапит во 1095 година.

Тропар
Името Господово во молитва повикано сила даде на љубовта во лековите источена, о Агапите, преподобен оче. Приведувајќи ги кон Христа, благодатта и душа им излекува на оние кои со покајание пристапија. Моли се за нас, оче свет, да н? помилува Лекарот на душите и телата наши.

13.06.2022 - 19:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега