Ковачки распали по опозицијата: СДС остави крш држава, празна каса, катаклизмична состојба
На денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, се обрати и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој ја критикуваше претходната власт. Ковачки истакна дека државата за време на СДС беше оставена во катастрофална состојба, со празна каса и заостанати плати за вработените во институциите, и дека наследената ситуација беше директен резултат на неодговорното работење на претходната власт.
„Сите знаеме каква состојба наследивме, тие знаат каква состојба оставија, ние знаеме каква состојба наследивме и тоа беше презентирано и во рамките на ребалансот на буџетот. Да ве потсетам, оваа држава беше оставена без плати, институциите беа без плати, поштите немаа плати, Македонски шуми немаа земено плати, по неколку месеци“, изјави Ковачки.
Ковачки посочи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за само неколку месеци, успеа да обезбеди средства преку ребаланс на буџетот и да исплати заостанати плати, како и да обезбеди стабилност за следната година.
„Дупки во буџетот, пари кои што се обезбедени со ребалансот и пари кои што се обезбедени за следната година. Тоа да не биде фалба затоа што сме дале некому плата, меѓутоа ги оставивте работниците без плати. Овде за одбрана потпишавте колективен договор на 14 февруари, на ден пред распишување на парламентарните избори, а не предвидовте средства. Истото важи и за овие амандмани кои што сте ги поднесувале за законски решенија кои што не постојат, па потоа објавувате текстови дека сме ги одбиле. Па како да прифатиме нешто кога во закон не е регулирано?“, потенцираше Ковачки.
Ковачки ги повика опозициските пратеници на „политичка зрелост“ и признавање на грешките, истакнувајќи дека протестите и штрајковите во минатото се резултат на неработењето на минатата власт.
„Сте ја оставиле државата во катаклизмична ситуација. Така да се каже нешто, колку да се каже, да се даде некаков амандман, колку да се даде, затоа што нема реална размисла како понатаму. Потсетете се зошто беа тие протести и штрајкови. И мислам дека тука треба навистина да покажете една политичка зрелост. Да кажете: луѓе, ви оставивме крш држава, празна каса, успеавте за само неколку месеци да обезбедите средства и да ги исплатите прво заостанатите плати, а потоа и да ги зголемите“, заклучи Ковачки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа