Лајчак по посетата на Белград и Приштина: Нема договор без формирање Заедница на српските општини

 

Ако нема Заедница на српските општини, нема договор – јасна е пораката на специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, по посетата на двете земји.

Европскиот дипломат во претходните денови го подготвуваше теренот за следниот состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, закажан за 18 март во Охрид, а исто така посочи дека ако се погледне предлогот на ЕУ, во него се зборува за нормализација, а не за некаква капитулација.

„Целта е да се бара ‘вин-вин’ ситуација и да се отворат европските врати“, изјави Лајчак за РТС.

Нагласи дека мора да се формира Заедница на српски општини во Косово и без тоа не може да има договор. ЗСО, додаде, мора да се гради по моделот договорен во 2013 и 2015 година, пишува „Еуроњуз.рс“.

Европскиот претставник објасни дека во Европа постојат модели на самоуправување на малцинските народи, а како што рече: никој не треба да се плаши од тоа. ЕУ предложила 15 модели како инспирација за формирање на ЗСО, а не како алтернатива. кажа тој.

Целта на средбата во Охрид, како што забележува Лајчак, е решение за исполнување на договорот кој има таква поддршка од ЕУ каква што, како што вели, не памети во минатото. Тој нагласува дека „целта не е некој да победи или загуби“.

Иако во фокусот на разговорот е европскиот предлог, ЗСО остана камен на сопнување. Сепак, пораките кои можеа да се слушнат изминативе денови навестуваат дека ова прашање и тоа како ќе биде во фокусот.

Лајчак во Белград прво се сретна со претседателот на Србија, а потоа и со претставници на опозицијата, по што вечерта уште еднаш се сретна со Вучиќ. По попладневниот разговор, Претседателството соопшти дека на средбата се разговарало за европскиот предлог, формирањето на Заедницата на српските општини и другите неопходни чекори во насока на нормализирање на односите меѓу Србите и Албанците.

Сè уште не е сосема јасно за кои модели би станало збор викендов, но од Западот сè почесто доаѓаат изјави дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е од голема важност, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наведува дека двете страни треба да го „искористат моментот“ во дијалогот и да бидат конструктивни во претстојните разговори.

14.03.2023 - 20:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега