ЛДП по пукањето во Прилеп: Безбедноста на граѓаните и вработените мора да биде приоритет
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува длабока загриженост и го осудува вчерашниот инцидент во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп, во кој што избеган маж од Психијатриската болница во Демир Хисар пукаше и повреди вработена службеничка. Повикуваме на итна и темелна истрага за да се утврдат околностите и да се лоцира одговорноста за настанот, изјавува Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Јанкоски истакнува дека безбедноста на граѓаните и вработените во јавните институции мора да биде приоритет и побара зголемени мерки за безбедност во ваквите установи.
-Дополнително, во рамки на заложбите за децентрализација, ќе предложиме центрите за социјална работа да се префрлат под надлежност на општините, со цел да се подобри нивната ефикасност и безбедност. Вработените во овие центри се изложени на секојдневни притисоци, закани и стресни ситуации, што резултира со зголемен број откази од работата, додава Јанкоски.
ЛДП повикува на системски реформи за да се обезбедат подобри услови за работа и заштита на вработените во овие установи.
Истовремено, Јанкоски во име на партијата изрази поддршка за повредената службеничка и нејзиното семејство, посакувајќи ѝ брзо закрепнување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа