Макрон: На Украина да и се дозволи да користи западно оружје за да гаѓа цели во Русија

 

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се залага на Украина да и се дозволи да напаѓа воените бази во Русија со оружје со долг дострел обезбедено од западните партнери.

Макрон со ова им се приклучи на претходните изјави на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој исто така се залагаше за промена на тој став, поради сложеноста на војната во Украина.

И високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел вчера ги повика членките на Унијата да најдат рамнотежа меѓу стравот од ескалација и потребата Украинците да се бранат, оценувајќи дека Киев треба да може да гаѓа на руска територија со западно оружје.

Прашањето дали да ѝ се дозволи на Украина да гаѓа цели на руска територија со оружје испорачано од Запад е деликатно откако Москва ја почна својата инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Западните лидери во голема мера се воздржуваа од преземање на овој чекор бидејќи постои ризик тој да го испровоцира рускиот претседател Владимир Путин, кој постојано предупредуваше дека директното учество на Западот може да го доведе светот на работ на нуклеарен конфликт.

Макрон рече дека ставот на Франција е дека на Украина мора да ѝ се дозволи да неутрализира руски воени локации од кои истрелува проектили.

– Ако им кажеме на (Украинците) дека немаат право да ги гаѓаат местата од кои врз нив се истрелуваат проектили, ние всушност им велиме дека ќе ве снабдиме со оружје, но со него не можете да се браните, рече Макрон на прес-конференција за време на официјалната посета на Германија.

Чешкиот премиер Петр Фијала пред вчерашниот состанок со функционерите од Полска, Данска, Холандија и Летонија за помош за Украина, изјави дека верува оти Киев има право да користи западно оружје и за да гаѓа цели на територијата на Русија.

 

29.05.2024 - 18:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега