Мицкоски: Имаме “нова“ влада со стари истрошени и компромитирани кадри и со неисполнети ветувања

 

Опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција пред партиското седиште истакна дека денес имаме нова Влада со стари, истрошени, компромитирани и транзициски кадри.

-Кадрите се исти и стари, но и ветувањата се стари и истите оние кои не ги исполнија. Ништо ново, ветуваат просечна плата од 600 евра кога неисполнија ветување од 500 евра. Па во меѓувреме, од митинзите пред избори до вчерашната собраниска седница си го намалија сопственото ветување па ветуваат 570 евра просечна плата, која исто така најверојатно нема да ја исполнат.  По трет пат ветуваат нов клинички центар, нови 260 км автопатишта откако не изградија ниту еден свој километар автопат во изминатите 4 години. Ветуваат странски инвестиции откако не донесоа ниту една, ветуваат нови работни места откако имаме 40 илјади нови невработени само за 5 месеци. Ветуваат реформа во администрацијата кога потрошија 4 години и ништо не направија. Ветар и магла, ним им е важно само брутално, дрско и безобзирно да крадат, рече Мицкоски.

Вели дека власта ветува оти прва работа која ќе ја напревеле било уривање на дивоградбата во Мавровка, откако претходно дозволиле да се гради.

Според Мицкоски, ова е власт која придонела државата да нема ниту еден универзитет во 1.000 најдобри според Шангајската листа.

-Ова е влада во чие време се тепаат новинари, атакуваат медиуми, и постои селективен и медиумски атак врз опозицијата истурајќи гомила лаги за да се покријат скандалите на власта. Почитувани, новата влада со стари и истрошени кадри ја отсликуваат три работи: криминал, истрошеност и лаги. Затоа имаме влада на СДСМ и ДУИ која е спрега на мафија, лаги и криминал. Едните за другите си рекоа дека 5 пари не вредат, дека се канцер на криминалот во општеството. Влада која иако збори за Европската Унија има неевропски вредности со која се повеќе не одалечува од тие цели, рече Мицкоски.

Вели дека за пет месеци во Македонија има 40.000 ново невработени. Во однос на корона-кризата, рече дека Македонија најлошо со справила со ситуацијата од цела Европа.

Сериозноста со ковидот укажува дека имаме 600 починати до сега и ова е најголем број починати во Македонија предизвикани од некакво влијание и фактор по Втората Светска војна до сега. И луѓе секаде се заразуваат низ светот но според сите параметри земјава се справува убедливо најлошо во цела Европа. И не е само до менталитетот и недисциплинираното однесување на дел од граѓаните туку пред се поради немањето на систем и стратегија. А одговорен за тоа е Зоран Заев. Кризата ќе биде уште поголема и ако не се превземе итен активизам, сериозни мерки и протоколи последиците ќе бидат уште поголеми. Во економијата, имаме зголемување на долгот на една милијарда евра за 6 месеци, буџетски дефицит од 520 милиони евра за само 7 месеци. Во сериозна опасност ќе се доведе и редовната исплата на платите и тековните обврски. Следуваат потешки времиња. Ова е истата таа влада која го изведе најнечовечкиот, најбруталниот поткуп на избори на Балканот спроведен било кога. Имавме вонредни избори, а тие дојдоа затоа што Македонија не доби датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Ако се прашувате зошто? Се виде пред изборите. Потрошија милијарда за еднократен поткуп а не за проекти. За пакети, за купување гласови. Ја газеа волјата на народот. А ние водејќи се од интересите на државата и водејќи сметка за европските приоритети и интереси не сакавме изборите да се претворат во тоа што беа, изборна кланица, рече Мицкоски.

Вели дека откако ја презел партијата таа била поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок се уште е замрзнат.

-Со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода. И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде. Зло како оваа влада не се руши одеднаш туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ. Ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина. Затоа што Македонија нема европска иднина со мафијашка коалиција, затоа што земјоделците кои сега не ги ни спомнуваат нема да го добијат потребното, затоа што сиромаштијата ќе се зголемува, затоа што младите ќе продолжат да си одат од земјата, затоа што квалитетот не се цени.  Како ќе се однесува ВМРО? Со жестока критика на страна на народот, со организирани масовни граѓани протести, бидејќи ова не е само моја битка туку на народот против неодговорната и криминална влада. Рече Мицкоски.

Појасно дека до Архивата на ВМРО-ДПМНЕ досега нема пристигнато иницијатива за одржување вонреден конгрес.

-Зборат за вонреден конгрес но таква иницијатива нема стигнато ниту поднесено во архивата на партијата. Што значи тоа е тема за да се прикаже ВМРО-ДПМНЕ слабо и се одработи исклучиво за СДСМ и Зоран Заев. А сега и за суштината. За сите оние кои прават криминал, кои одработуваат за милост и кои поради тој криминал потклекнале и се во скутот на Заев, треба да знаат сега и во иднина, нема да правaм компромиси со криминалот, нема да дозволам да се прогледа низ прсти поради сите нивни грешки и нема да премолчиме богатење на грбот на народот. Сите оние кои станаа најдобри другари на Заев не е тоа затоа што се силни, туку затоа што се екстремно слаби. Сигурно сте се запрашале зошто нема завршница за познатите случаи за кои Заев како опозиција велеше дека се криминал, одговорот на тоа се добива овие денови кога гледаме како неколкумина појаничарени слуги одработуваат надевајќи се на неговата милост и својата слобода, рече опозицискиот лидер.

Мицкоски: Имаме “нова“ влада со стари истрошени и компромитирани кадри и со неисполнети ветувања

Posted by Press24.mk on Monday, 31 August 2020

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.08.2020 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега