Мицкоски: Се сомневам дека ќе добиеме датум за преговори, за жал Пандорината кутија ја отвори Заев и трајно се нарушени преговарачките позиции

Ние немаме апсолутно никаква информација од страна на надлежните за тоа што во моментот се случува, дали течат преговорите, на кој начин се вршат тие преговори и слично. Единствената информација која што ја имаме или информации се оние кои што се јавно достапни кои што практично се официјални изјави на евродипломати и луѓето кои што во Македонија се задолжени за евроинтегративниот процес, тука пред се мислам на Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на Рома Њуз.

Мицкоски нагласи дека тој не е оптимист дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, додавајќи дека тоа го темели од пораките од страна на дипломатите од Брисел дека нема позитивен одговор од сите земји членки на Европската Унија.

Од тоа што можам да го заклучам, во овој момент повеќе сум песимист, отколку оптимиста дека сега на крајот од јуни месец со завршувањето на Португалското претседателство, ние ќе ја добиеме датата би рекол за одржување на првата меѓувладина конференција. Затоа што јасна е пораката од страна на дипломатите во Брисел дека во овој момент нема позитивен одговор од сите земји членки на Европската Унија, а таму одлуките се носат со консензус, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека со отворање на Пандорината кутија и со тргување на националните и државни интереси Заев всушност ги урнал преговарачките позиции на државата.

Првата работа е кога Зоран Заев ја отвори Пандорината кутија и кога одлучи на сметка на националните интереси, државните интереси да тргува, да се пазари со нашите соседи мислејќи дека на тој начин ќе го одблокира евроинтегративниот пат, тој не беше свесен дека на тој начин ги урива сите преговарачки позиции кои што се создавани со години и дека кога еднаш ќе ја отворите Пандорината кутија многу тешко ќе ја затворите таа Пандорина кутија и дека на барањата практично на соговорникот ќе му нема крај, затоа што вие сакате да бидете каде што е вашиот соговорник, заклучи претседателот Мицкоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.05.2021 - 21:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега