Мицкоски: Уште една убава вест за граѓаните

Уште една убава вест за македонската економија и граѓаните. Ова го напиша македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук утринава.
- Во првиот квартал од 2025 година, заклучно со 31ви/Март, намален е јавниот и државен долг. Јавниот долг е 57,7% од бруто домашниот производ, а државниот долг е 50,1% од бруто домашниот производ. Ова е најниско ниво во последните пет години и споредено со состојбата од 2020 година, јавниот долг е намален за -2%, а државниот долг е намален за -0,7%. Одлични индикатори за состојбата на македонската економија. После првата фаза на стопирање на слободното паѓање што се случуваше седум години, побргу од очекуваното се случи консолидирање, сега следува период на развој и реализација на стратешките цели во овој мандат на владата. Продолжуваме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија! Македонија станува повторно твоја!, напиша претседателот на Владата.
Инаку, тој денеска заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе ја посетат Општина Кавадарци во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“ и ќе извршат увид во градежни активности на повеќе проекти.
Министерството за локална самоуправа со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ има за цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.
02.05.2025 - 09:23
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа