Мицкоски за стратешкиот договор со ОК: Инвестициски циклус во државата од околу 6 милијарди евра
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања го опиша стратешкиот договор со Обединетото Кралство како историски момент како за државата, но и за регионот, затоа што силно присуство на еден од водечките политички чинители во светот тука во регионот значи многу и за граѓаните, и за државата, но и за иднината на регионот, при што објаснувајќи го подели во два дела, политички и економски, иако се обединуваат.
„Во економскиот дел важно е да се напомни дека како држава имаме многу стратешки цели и проекти коишто се споменуваат со децении, но за жал никако да ги реализираме. Пругата коридорот 10 да се модернизира, реконструира, прошири, надгради. Автопатишта, болници, енергетски објекти, Чебрен и Галиште го споменуваме со децении, се обидуваме да најдеме инвеститори, но никако тоа да го најдеме до сега и така натаму. И ако сето тоа се анализира, може да се заклучи дека во минатото имало многу пречки, а една од нив биле финансиски, друга немањето политичка волја и храброст, трета немањето инвеститори“, наведе Мицкоски којшто продолжи дека сега тие препреки сега се тргнати на страна со тоа што финансии се обезбедени, рамка постои, 6 милијарди евра, двете влади постигнаа договор, а пратениците го поминаа во Парламентот без никаква злоупотреба.
Премиерот во одговорот се осврна и на обвинувањата на опозицијата дека не бил транспарентен процесот, не се знаело под кои услови ќе се земеле финансиите, што ќе се трошело, како ќе се трошело, зошто така било, дали ќе се случел криминал, за што Мицкоски оцени дека тие „анатеми“ се дел од предизборната политичка сцена.
„Овој договор што го потпишавме, а вие пратениците го усвоивте е политички договор за стратешко партнерство меѓу нас и Обединетото Кралство. Во делот на финансиите факт е дека имаме рамка, факт е дека сме воделе со финансиски институции коишто се подготвени да ја испорачаат таа рамка но договор не е потпишан. Сега следи процес во кој Министерството за финансии ќе отвори конкурентен дијалог со финансиските институции од светот, повеќе од нив, меѓу кои ќе бидат и овие финансиски институции со коишто сме разговарале“, нагласи Мицкоски којшто даде и примери како тоа ќе се одвива.
„Откако Министерството за здравство ќе го информира Министерството за финансии ќе ги заврши проектите за болниците во Штип, Кичево, Тетово, студентскиот дом, здравствениот дом, тоа ќе го информира Министерството за финансии дека сака да ги заврши и ќе замоли да се обезбедат средства. Исто и ЈПМЖ Инфраструктура исто така ќе постапи ќе го информира Министерството за финансии. Министерството за финансии потоа ќе спроведе конкурентен дијалог со финансиските институции во светот, а таа понуда што ќе биде најдобра, таа ќе ја прифатиме. Не значи дека ќе ја прифатиме понудата на финансиската институција со која досега сме разговарале. Ако добиеме подобра финансиска понуда од ЕБОР, или од ЕБРД, или од ЕИБ или кои било банки тие ќе ги прифатиме“, објасни премиерот, којшто се надоврза и на прашањата за каматите.
„И во што е разликата, а и точно е во јавноста кога се зборува за каматите колку тие ќе изнесуваат, доколку ние сами излеземе на пазарот со кредитниот рејтинг којшто ние го имаме како држава, тој ЕУРИБОР ќе биде надграден со 3,5 – 4% затоа што нашиот кредитен рејтинг е тој, ББ минус. Но, ако го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, којшто е ААА, тогаш ние ќе добиеме најниска можна каматна стапка којшто некоја држава може да ја добие. Затоа што Обединетото Кралство со тој стратешки договор ни вели ставете го нашиот кредитен рејтинг, ние сме гарант за вас“, нагласи Мицкоски.
„Затоа секој оној што зборува во јавноста дека јас како премиер и вие пратениците ќе задолжиме неродени генерации, ако е во функција на политика го разбирам, но ако навистина го мисли, тогаш е економски и политички аналфабет“, оцени претседателот на Владата којшто посочи дека слушнал неколку такви анализи од економисти на кои им порача дека би требало веднаш да си ги искинат дипломите.
Во однос на транспарентноста, Мицкоски истакна дека сѐ што е поврзано со овој Договор ќе биде јавно и нема да се класифицира како што тоа се случуваше во минатото.
„Нема да го класифицираме, нема шверцерски да го минеме со европско знаме, нема ништо од тоа. Повторно ќе влезе во Парламент Договорот за реализација на проектите. И тука нема да дојде во Собрание компанија регистрирана или близу до седиштето на една политичка партија, да биде подизведувач или изведувач како што тоа беше и се случуваше во минатото. Туку ќе биде компанија која реализирала, компанија со портфолио. И нема да биде една, туку ќе бидат од три до пет, а можеби и повеќе коишто ќе пројават интерес. Нема да криеме ништо, секоја завртка и навртка ќе имаат цена и ќе биде по принципот „Опен Бук“. За тие што не знаат тоа е дефинирани цени и маргина во проценти.
Гарантирам дека не само што нето нема да се задолжиме туку и ќе го намалиме долгот кога овие проекти ќе се реализираат“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со стратешкиот договор со Обединетото Кралство со којшто се отвори финансиска рамка од пет милијарди фунти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа