Мицотакис очекува Мицкоски да користи Северна Македонија „ерга омнес“, а прашањето ќе го покрене и на НАТО Самитот
Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој посочи дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит, но и оцени дека сепак во Скопје ќе преовлада логиката, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната прес-конференција што се одржува на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис одговори на низа прашања од новинарите, меѓу кои и за односите со нашата земја и почитувањето на Договорот од Преспа.
Грчкиот премиер рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.
Во однос на тоа дали конкретното прашање ќе го покрене на НАТО Самитот во Вашингтон во првата половина на јули, Мицотакис одговори позитивно и посочи дека „ќе биде прва можност да се најде на ист форум со новиот премиер на Северна Македонија“.
-Секако дека ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој, истакна Мицотакис на прес-конференцијата, пренесе МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа