Милошоски: Извештајот од ЕП и состојбата со Бугарија се резултат на контроверзните анекси потпишани од СДС и ДУИ
Антонио Милошоски, пратеник во Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ гостуваше во Дневникот на Сител телевизија. Тој се осврна на Извештајот од Европскиот парламент и истакна дека оваа состојба во која сега се наоѓа Македонија е резултат на потпишувањето на контроверзни анекси на Договорот за добрососедство со Бугарија СДС и ДУИ. Според него, трошењето на ресурси на оваа тема можело да биде избегнато ако тие анекси не беа потпишани. Милошоски исто така потенцира дека прифаќа критики и сугестии од јавноста и академската фела.
,,Предлогот на Извештајот во ЕП не доаѓаше од македонски пратеници. Предлогот на Извештајот во ЕП доаѓаше од европратеник известител за Македонија, а е пратеник од Република Австрија. Известителот проценил дека тоа би требало да биде дел од Извештајот и сметам дека е од една страна што на Комисијата за надворешна политика во ЕП тој предлог извештај помина во почетната форма, а потоа видовме што се случи на пленарната седница“, рече Милошоски.
Според Милошоски, трошењето на ресурси немаше да се случи доколку претставници и функционери на претходната влада на СДС и ДУИ не потпишуваа контроверзни анекси надоврзани на Договорот за добрососедство со Бугарија.
,,Нам не ни треба нечија потврда за постоењето. Нам ни треба само една потврда за вистинските искрени или скриени намери на соседна Бугарија. И да бидам уште појасен. Ова веројатно немаше да биде воопшто потребно ваквото трошење на ресурси, дипломатски, политички државни на оваа тема доколку Заев, Никола Димитров, Бујар Османи Бојан Маричиќ и другите лековерно не ги потпишаа Договорот за добрососедство и сите непотребни би рекол и контроверзни анекси кои што ги надоврзаа на истиот“, кажа Милошоски.
Тој додаде дека критиките се добредојдени од јавноста, но последиците се поради претходната власт која го загрози идентитетот и самобитноста на македонскиот народ.
,,Затоа прифаќаме критика и од академската фела, прифаќаме сугестии и од јавноста. Но, во секој случај, се обидуваме да поправиме одредени штетни последици, коишто настанаа како резултат на ваквите лесни потписи во име на државата, а коишто сега ги трпиме како штета на идентитетот и самобитноста на македонскиот народ и нашиот јазик“, вели Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа