Николоски: За десетина дена пуштивме во сообраќај 42 километри нови експресни патишта

 

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во вечерашното гостување во вестите на “Канал 5”, потенцираше дека во рекорден рок и успешно се завршени два експресни патишта Куманово-Страцин-Крива Паланка и делницата Градско-Дреново, што претставува доказ за посветеноста и работењето на Владата и создавањето на нова квалитетна патна мрежа.

Тој исто така потенцираше и за бројните проблеми кои како министер ги наследи во реализацијата на овие два капитални проекти.

-Во рок од десет дена пуштивме 42 километри експресни патишта, нешто што досега не е видено во Македонија. На делницата Куманово-Страцин-Крива Паланка, од вкупно 25 км на 16,5 км немаше воопшто асфалт, проектот беше во фаза на замрзнување, еден од изведувачите беше заминат од државата, воопшто немаше работници на терен, а повлечен беше и надзорот на проектот. Успеавме да ги вратиме изведувачот и надзорот и прв пат во Македонија видовме работа во зимски услови или работа на ниски температури и работа на дожд. Практично работевме речиси 24 часа и на тој начин успеавме да го завршиме патот и мислам дека ова е прв проект во Македонија што е завршен во предвидениот рок.

Во однос на Градско -Дреново, ситуацијата беше уште полоша. Јас на отворањето покажав еден документ, тоа беше еден документ кој прв го добив кога станав министер. Таму ситуацијата беше очајна, недостасуваа 13 милиони евра за да се доврши проектот. Косините воопшто не беа решени, имаше опасност да се спуштат две планини на трасата и изведувачот се спремаше за арбитража. Веќе имаше постапка со цел Македонија да оди на арбитража, значи ем да изгубиме арбитража ем да немаме пат затоа што година и половина претходната Влада не сакала да потпише два адендуми со ЕУ, Адендум 3 и 4 би ги решиле овие прашања, не ја формирале потребната Комисија. Ние ја формиравме Комисијата, за дваесетина дена тие почнаа да работат во месец август и веќе на 12 септември имавме потпишано се и ги обезбедивме овие средства. Затоа и амбасадорот кажа дека има национално кофинанисрање тие се тие средства. Таму рокот беше 31 јануари што значи дка завршивме некои петнаесетина дена порано, така што тоа беа проблемите. Јас сум тука да ги решавам проблемите, а не да се правдам или ако се правдам ќе бидам како сите претходни. Македонија со години, со децении нема завршено еден голем проекти и нема видено завршување на голем проект. Најлесно е да ги обвинувате претходнииците, најлесно е да ги раскинувате договорите и да одите по арбитражи, тешко е да се работи. Ние работиме и еве резултатите доаѓаат, истакна вицепремиерот Николоски.

16.01.2025 - 19:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега