Јаневски: Нови играчи ќе добијат шанса на натпреварот со Велс и Шкотска
Македонската фудбалска репрезентација денеска имаше собир во пресрет на пријателските натпревари со Шведска во Малме на 3 јуни и со Норвешка во Осло на 11 јуни.
- Ќе одиграме два пријателски натпревара, што ќе претставува ново докажување, но и воигрување на тимот за септемвриските дуели од квалификациите со Велс и со Шкотска. Иако, се ова пријателски натпревари треба сериозно да пристапиме и мораме да ја подобриме играта, а и да мислиме на резултат. Некои нови играчи ќе добијат шанса, како и оние кои играа помалку во своите екипи, истакна на денешната прес конференција селекторот Чедомир Јаневски.
Од повиканите играчи поради повреда отпадна голманот Мартин Богатинов. Величе Шумуликоски нема да игра на првиот дуел бидејќи во сабота вечер има првенствен натпревар со својата екипа. Давид Бабунски поради обврски во шампионатот на Шпанија со младинскиот тим на Барселона нема да биде дел од репрезентацијата, додека Марко Павловски од ОФК Београд побарал време да размисли за настапот за Македонија.
По натпреварот со Шведска, репрезентацијата се враќа за Македонија и ќе има три слободни дена, до новиот собир на 7 јуни. Дуелот со Норвешка ќе го пропушти Николче Новески, со цел Јаневски да ги провери квалитетите и на другите играчи.
- Ова се добри противници за подобрување на формата. Треба да се постигнат добри резултати за самодоверба и позитивно да се заврши овој дел од сезоната, изјави Новески, кој настапи на речиси сите натпревари од почетокот на квалификациите и на пријателските натпревари.
Репрезентацијата до заминувањето за Шведска ќе одржи во Скопје два тренинга. Селекторот Јаневски потенцираше дека се потребни промени во играта на селекцијата.
- Во првите 60 минути на сите натпревари што ги игравме не сме инфериорни. Проблем се минутите потоа од 60-та до крај, кога делуваме „исцедено“ и треба посебно внимание да обрнеме на тој аспект, рече Јаневски.
Натпреварот Шведска – Македонија се игра на 3 јуни во Малме со почеток во 19 часот.