Индијката Анушка Шакар ќе го отвори 12. издание на Оффест
Со концерт на индиската ситаристка Анушка Шанкар во Универзална сала утревечер почнува 12. ОФФест.
Фестивалот ќе трае до 6 јуни а ќе настапат исклучителни музичари од Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.
Анушка Шанкар е една од водечките фигури на т.н. музика на светот. Нејзиното творештво влече корени од индиската класична музика како и од музиката на нејзиниот татко, легендарниот Рави Шанкар, кај кого таа се школува од својата девета година. Како композитор, ја истражува плодната синтеза на индиската музика со разните музички жанрови, фламенко, електроника, џез и класична музика. Двапати номинирана за престижната награда Греми, Анушка Шанкар е најмладиот музичар и првата жена во историјата на Греми, номинирана во категоријата World Music за нејзиниот албум „Live at Carnegie Hall” (2002), а подоцна и првиот музичар од Индија што бележи настап на доделувањето на Греми наградите (2006), кога беше номинирана за албумот „Rise”.
Втората вечер е резервирана за турското Таксим трио и за проектот „Биоскопиа“ на нашите Елена Христова и Горан Трајкоски.
На 4 јуни публиката ќе ужива во словенечкиот бенд „Брина“ што го предводи талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник, додека на 5 јуни, се експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и University of Gnawa.
ОФФест го затвора Кимо Похјонен од Финска познат по својата денс, театарската и авангардната музика, по бескомпромисната моќ и оригиналност.
ФОТО: Он.нет