Најголемата џамија во Македонија ќе никне во Скопје

Новата џамија и исламски центар, чиј камен-темелник за градба беше положен минатиот вторник со населбата Топанско Поле во скопската општина Чаир, ќе бидат најголем верско-просветен центар на Исламската заедница во Македонија, пишува Дневник.

Новата џамија ќе има трапезоидна форма, која ќе има и четири минариња. Освен ова, составен дел од комплексот ќе бидат и образовен и научен центар со амфитеатар, библиотека, читалница...

Предвидено е овие содржини да се користат за едукација на студентите кои ја изучуваат исламската теологија. Изградбата на толку голем верски комплекс се вклопува во трендот на градењето големи исламски објекти како во нашата земја така и во непосредното соседство. И покрај обидите вчера во ИВЗ и во Општина Чаир не успеавме да добиеме информација за тоа колку ќе изнесува вкупната површина на новиот исламски центар во оваа скопска општина. Непознато е исто така од кои с` извори ќе бидат обезбедени средства за неговото завршување. ИВЗ досега градеше главно само индивидуални верски објекти – џамии, без да се форсира градбата на комбинирани комплекси. Ова верска заедница, познато е, има свои образовни институции во скопското село Kондово каде што веќе повеќе децении функционираат Исламскиот теолошки факултет и Медресата како средно верско училиште.Според објавените планови за изгледот на комплексот, лесно може да се забележи дека тој ќе зафаќа поголема површина отколку што ја имаат големите џамии како во Скопје така и во внатрешноста на земјата – Мустафа-пашината џамија, Султан-Муратовата џамија, Јахја-пашината џамија или, пак, џамијата во Битола и во други градови. Инаку, Општина Чаир последниве години е место каде што често се организираат разни исламски теолошки предавања, често и на отворениот простор на чаирскиот фудбалски стадион, пишува Дневник.

Почетокот на градбата на новиот исламски комплекс се надоврзува на градбата на големи исламски верски објекти во регионот. Познато е, пред две години во Приштина, Kосово, беше поставен камен-темелник за изградба на, како што се тврди, најголемата џамија на Балканот. Мегаџамија се планира да се гради и во Нови Пазар, Србија. Голема џамија исто така се гради во Сараево, БиХ, при што и за неа се наведува дека ќе биде меѓу најголемите на Балканот бидејќи ќе се простира на 4.500 квадратни метри.

27.07.2014 - 13:18
Фото: 
а1.он
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега