Бебето со Брза помош било пренесено до болница - пишувањата на дел од медиумите неточни

Осуммесечното бебе од Србија кое загина во трагичната несреќа пред два дена сепак било преземено и пренесено до велешката болница со Брза помош и од медицински персонал, објави Канал 5.

Во некои медиуми се појавија написи во кои се повикува на анонимни сведоци дека бебето го земале патници од друго возило и починало поради медицинска негрижа. Ваквите неетички тврдења ги демантираат стручните тимови кои во возила на Брза помош во најкус можен рок ги транспортирале сите повредени во велешката, а девојката од Ниш во гевгелиската болница.

Откако било донесено во болница, лекарите уште еднаш се обиделе да го реанимираат малото бебенце, иако лекар во раце му го предал безживотното тело на бебето на хирургот - трауматолог  Филип Тодоровски, дежурен лекар на одделението во велешката болница. Лекарите уште еднаш се обиделе Андрија да го вратат во живот, но за жал не успеале. Ова е официјалната информација на портпаролката на болницата во Велес, д-р Силвана Мишкова каде првично беа примени и реанимирани уште шестмина повредени српски државјани во тешката сообраќајка што се случи во понеделникот кај Удово, објави Канал 5.

-Како што дознаваме од Итната медицинска помош во Валандово, нивното амбулантно возило последно стигнало на местото на несреќата. Претходно повредените веќе биле транспортирани кон Велес. Ова се официјалните информации на медицинските служби во Македонија, наспроти пишувањата на српските веб сајтови за покажаната негрижа на македонските здравствени институции и работници, јавува телевизијата.

30.07.2014 - 14:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега