Си наточил бензин па сакал да плати со фалц пари - еве што направил Чех во Скопје
СВР Скопје поднесе кривична пријава против 52-годишниот И.М. од Плзен, Чешка, осомничен за фалсификување пари. Нему му е изречена казна затвор во траење од две години, условно за пет години како и мерка - седум години протерување од Република Македонија.
Пријавениот на 22-ри минатиот месец управувал товарно моторно возило „мерцедес бенц“ со приколка со чешки регистерски таблици и пристигнал на магистралниот пат Качанички пат бб, на бензинската пумпа „Дизел“ сопственост на правното лице „Кап корпорација“ Скопје.
За дизел гориво во вредност од 40.365. денари платил со банкнота од 500 евра. Вработениот на бензинската се посомневал во оригиналноста на банкнотата, па возачот донел други банкноти, од кои две од по 200 евра и една од 100 евра.
Вработениот ги запишал регистарските таблици од неговото возило, зашто се посомневал и во оригиналноста на раситнетите евра. Пријавениот веќе бил заминат, а во менувачница било потврдено дека банкнотите од 200 евра се лажни, а оригинална е само таа од 100 евра. Бидејќи пријавениот ја поминал границата на ГП Блаце, случајот бил пријавен кај полициски службеник.
Наредниот ден при влез во Република Македонија, пријавениот И.М. од полициски службеници од ГП Блаце бил лишен од слобода и при прегледот на неговото возило на совозачкото седиште во кабината била пронајдена една банкнота од 500 евра, која била земена заедно со двете банкноти од по 200 евра. Тие биле доставени до Народна банка на РМ, Дирекција за трезорско работење, од каде е добиена експертиза во која е констатирано дека трите предметни банкноти се фалсификувани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа