Министерство за здравство: Во Македонија нема ебола!

Министерството за здравство во однос на соопштението од Светската здравствена организација за преземање вонредни напори за запирање на ширењето на еболата во светски рамки ја информира јавноста дека Република Македонија спаѓа во групата земји кои ниту имаат потенцијални или потврдени случаи на ебола, ниту се граничи со земји во кои се регистрирани вакви случаи.

Имено, за групата земји во која спаѓа РМ важат следните препораки:

-СЗО не препорачува забрана на меѓународни патувања, освен да се почитуваат стандардните препораки за патување во земјите каде веќе има случаи на ебола, како што се избегнување контакт со заболено лице, контакт со диви животни (лилјаци, шумски антилопи, шимпанза). Отпечатени се и флаери со препораки за населението (на македонски, албански и англиски јазик), кои се наменети за патниците на аеродромот Александар Велики, охридскиот аеродром и граничните премини и веќе е започнато делењето на флаерите.

-Почитување на препораките и мерките за сите патници кои патуваат во државите коишто се погодени од случаи на ебола или се под потенцијален ризик, со цел да намалат тие ризици да знаат како да се справат во случај да бидат изложени на потенцијален ризик од заболување со ебола.

-Подготвеност за детектирање и справување на случаите со ебола, што вклучува пристап до квалификувана дијагностичка лабораторија и капацитет да се справуваат со патници кои доаѓаат одобласти заразени со ебола на меѓународните аеродроми или на граничните облсти на лица со непозната фебрилна болест. За таа цел, на аеродромот Александар Велики се поставува и термална камера, како дел од посебните превентивни мерки за заштита на населението, со која почнувајќи од утре наутро ќе се врши 24 часовен мониторинг за детектирање на лицата со покачена температура и други потенцијални симптоми. Исто така е изготвен Протокол за постапување при појава на сомнителен случај.

-Вршење мониторинг на лицата кои биле изложени на ебола и биле во контакт со болно лице и согласно Протоколот, тие лица веднаш се изолираат и се следи нивната здравствена состојба.

Според податоците од Светската здравствена организација, во моментов, болеста е регистрирана во Гвинеа, Сиера Леоне, Либерија и Нигерија. Досега во овие четири земји, каде се заболени 1.711 лица, од кои 932 завршиле со смртен исход.

08.08.2014 - 14:38
Фото: 
новатв
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега