Металург подобар од Вардар во финалето на "Струга 2014"
Ракометниот шампион на Македонија Металург трета година по ред го освојува трофејот на Меѓународниот ракометен турнир "Струга 2014". Во финалето беа подобри од Вардар совладувајќи го со 25:19 (12:8).
Во тензична атмосфера, типично за македонските ривали, со многу вербални расправии, два црвени картони, кои во 21-вата минута ги добија Алем Тоскиќ од Вардар и Велко Маркоски од Металург, Металург извојува победа и го освои меѓународниот ракометен турнир „Струга 2014“ .
Одбраната на Металург се покажа решавачка и на овој натпревар на чело со голманот Мирослав Коциќ, кој собра 14 одбрани, од кои 5 седмерци.
Вардар во финишот на првото полувреме имаше проблем со честите исклучувања што Металург успеа да ги искористи и стигна до предност од пет гола 12:7, а на пауза отиде со 12:8. Во второто полувреме Вардар тргна поенергично, но се што успеа да направи е да ја намали разликата во 40-тата минута на еден гол негатива (14:13). Тоа беше се што направија, бидејќи Металург се созеде и брзо стигна до 17:13, разлика што рутинирано ја сочува до крајот и стигна до значајна победа од 25:19.
Најефикасен во победничкиот тим беше Ренато Вугринец со 7 погодоци, а кај вардарци Стефан Карачиќ со 6. За најдобар играч во финалето од редовите на Металург беше Вуко Борозан, а во Вардар Стојанче Стоилов.
Во натпреварот за трето место рускиот вицешампион Сант Петерсбург со 33:29 ја совлада полската екипа Азоти Пулави и го освои третото место на интернационалниот струшки турнир.
Во борбата за петтото место Кретеј убедливо го совлада младиот тим на српска Металопластика со 28:19. Борко Ристовски на овој меч бранеше во првото полувреме и собра 11 одбрани.
За најдобар голман на турнирот е прогласен Мирослав Коциќ од Металург. Најдобар стрелец е Уго Деска од Кретеј со 26 гола во трите натпревари. Најголемото индивидуално признание за најдобар играч на турнирот заврши во рацете на Лука Циндриќ од победничкиот табор.
Победничкиот пехар на екипата на Металург и го врачи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, додека на второпласираниот тим, Вардар пехарот му го додели директорот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа