Чаби Алонсо се сели на "Алијанц Арена"

 

Германскиот гигант Баерн Минхен постигнал договор со Реал Мадрид за трансферот на Чаби Алонсо.

-Начелно постигнавме договор со Реал Мадрид и фудбалерот. Чаби Алонсо во текот на денешниот ден треба да пристигне во Минхен на медицински прегледи, изјавил Јан Кристијан Дресен, извршен член на Управниот одборот на германскиот тим, а пренесува порталот Гоал.

Точната сума на трансферот не е позната, но се шпекулира за сума од околу 10 милиони евра.

Доаѓањето на Алонсо во Баерн е резултат на проблемите кои Пеп Гвардиола ги има со играчите кои играат на позицијата дефанзивен играч за врска. Швајнштајгер, Мартинез и Алкантара се повредени, а со оглед дека ќе ги напаѓа сите фронтови, на Гвардиола му треба уште еден играч од ваков профил.

Алонсо во Минхен практично ќе пристигне како замена за Тони Крос, кој во овој преоден рок се пресели во Реал за 25 милиони евра. Пред Реал Мадрид, Алонсо настапуваше за Ливерпул и Реал Сосиедад, а пред само неколку дена објави дека се повлекува од националниот дрес.

Претходно, Баерн Минхен ги ангажираше Роберт Левандовски (Борусија Д.), Мехди Бенатија (Рома), Пепе Реина (Ливерпул), Себастијан Роде (Ајнтрахт Франкфурт) и Хуан Бернат (Валенсија).

 

28.08.2014 - 11:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега