Спасов ги отвори Републичките спортски натпревари за пензионери во Тетово

На терените во комбинатот „Тетекс“ во Тетово денеска се одржаа 19-тите по Републички спортски пензионерски натпревари на Мекедонија, на кои околу 400 пензионери од 47 здруженија се натпреваруваа во 11 дициплини.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој ги отвори игрите, нагласи дека пензионерите се мудрост и искуство, градители на Република Македонија и чувари на вистинските вредности.

Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, посочи тој, во  текот на своето  постоење се развил во една од најбројните организации во земјата кој достоинствено ги  промовира  и ги застапува правата и интересите на пензионерите и го поттикнува нивното интегрирање во социјалниот живот и севкупните општествени текови. Активностите кои континуирано ги реализира и во кои ги вклучува своите членови преку организирање различни настани од социјален, културен  и спортски карактер, нагласи Спасов, го прават Сојузот  жив организам каде пензионерот го добива заслуженото место и внимание.

- Организирањето на денешната манифестација по 19-ти пат покрај тоа што овозможува дружење и рекреација  на пензионерите значи и можност повеќе за споделување на искуства. Оттука, со посебно задоволство  Министерството за труд и социјална политика е покровител на  Републичките пензионерски спортски натпревари и секогаш во рамки на можностите ќе  поддржува реализација на настани и програми кои се однесуваат на пензионерите и нивните интереси, рече Спасов.

Тој потврди дека  приоритет на Владата и на Министерството за труд и социјална политика е обезбедување достоинствен живот на старите лица и пензионерите. Се осврна и на економската криза во Европа која имаше влијание и врз социјалното осигурување, особено врз пензиите и нивната исплата во огромен број на држави.

- Некои држави преземаа рестриктивни мерки во пензиското осигурување кое допринесе  со намалување на правата или „замрзнување“ на висината на пензијата за неколку години. За разлика од другите држави во Република Македонија пензиите се исплатуваат редовно и се врши усогласување и континуирано зголемување. Почнувајќи од  2006 година до сега  просечната пензија се зголеми  за  62 проценти, а најниската пензија од 2006 година до сега се зголеми за 76 проценти.Исплатата на пензиите, континуирано и постојано се врши во првата седмица од месецот, она што го ветивме го остваруваме постојано, истакна Спасов.

Во 2014 година  се изврши  усогласување на пензиите за 5 проценти односно од март 2014 година со исплатата на февруарската пензија секој пензионер доби дополнително усогласување на пензијата од 600,00 денари.

Во своето излагање Спасов се осврна на низата проекти наменети за пензионерите  проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија. Потребата од продолжување на овој проект произлегува и од интересот којшто корисниците на пензија го изразија со користење на услугите  минатите четири години  на истиот. Проектот продолжува со негова реализација во наредниот период, при што годинава ќе бидат опфатени 5.500 пензионери и со тоа од почетокот на проектот во 2010 година па заклучно со оваа година оваа бесплатна услуга ќе ја искористат над 27.600 пензионери.

- Од следната година започнуваме со спроведување на новиот проект „Бесплатен туристички викенд на корисници на пензија“. Со овој проект ќе се овозможи рекреација на корисниците на пензија и нивен квалитетен социјалн живот, а истовремено ќе се развива туризмот, најави министерот Спасов, додавајќи оти  преку овој проект  ќе бидат опфатени до 3.000 корисници на пензија.

Во 2014 година, потсети, се отворени три дневни центри, со цел да се подобри социјализацијата на повозрасните лица преку нивна секојдневна комуникација и дружење. Покрај другото, Владата во соработка со градот Скопје овозможи бесплатен превоз во градскиот јавен сообраќај во Скопје во вторник, петок и сабота и недела. Стартуваше и проектот за  бесплатен викенд  еднаш во месецот за превоз на старите лица во железничкиот сообраќај во Република Македонија. Сите лица мажи над 64 години и жени над 62 години имаат право на бесплатен превоз во повратен правец во определен викенд во месецот.

- Министерството за труд и социјална политика дава отворена поддршка и на сите невладини организации, општини и организации кои работат на полето на заштитата на старите лица и целосно сме подготвени за уште поинтензивна соработка со Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, истакна Спасов. 

Според претседателот на Здружението на пензионери-Тетово Гојко Ефтоск, денешните игри спорстските активности се привилегија на здравиот организам и се особено благотворни за луѓето од третото доба за кои придонесува за побавно стареење.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Драги Аргировски рече дека спортските игри на пензионерите се организираат да се одбележи 23 годишнината од државноста на Македонија, како и 20. септември како Ден на пензионерите во нашата земја. 

06.09.2014 - 12:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега