Ивановски-Стриклинг: Соработка и поддршка во интернет владеењето

 

Македонија и САД ќе ја унапредуваат меѓународната соработка и поддршка во интернет управувањето,  најавија по денешната средба во Скопје македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и заменик секретарот за комуникации и информации на Mинистерството за трговија на САД, Лоренс Е. Стриклинг. 

- Имавме продуктивни  разговори како САД и Македонија може да работат заедно да ја унапредат меѓународната  соработка  и поддршка на управувањето  со интернетот со вклученост на сите заинтересирани страни, изјави по средбата Стриклинг. 

Со задоволство очекувам, додаде, да ја продолжиме соработката и во наредните месеци, да го промовираме и одбраниме системот на управување со интернетот со сите вклучени заинтересирани страни, кој ќе промовира слобода на изразување и економски раст.

Стриклинг престојува во Македонија на покана на министерот Ивановски, кому, како што изјави му е благодарен за лидерството во промовирање на интернетот и телекомуникациите и на регионално и на меѓународно ниво.

Според Ивановски, Македонија добила поддршка од Стриклинг при добивањето на криличниот домеин .мкд. 

-  Го избравме  8 септември за посетата затоа што минатата година кога РМ аплицираше за интернет домеинот .мкд токму Стриклинг и  неговата  институција која ги води домените ширум светот најмногу ни помогнаа да го добиеме криличиниот домеин. Се надеваме дека наскоро ќе заврши целата проецедура во интернационалната компанија којашто ги раководи имињата и броевите за домените ширум  светот и граѓаните на РМ ќе можат да го користат домеинот .мкд., изјави Ивановски.

Тој ја поздрави одлуката на САД со која интернационалната корпорација за имиња и броеви има мандат до крајот на наредната година  да направи нов модел на кој земјите ширум  светот ќе учествуваат и заеднички ќе владеат со  домеин имињата и броевите.   - Стриклинг е надлежен токму за целиот процес, имаме  плодна соработка  на голем број состаноци  на  кои сме присуствувале и денеска можеме да дискутираме за заемна поддршка на наредниот состанок на Интернационалната  телекомуникациска унија  каде  РМ првпат е кандидат за советот. Се надеваме дека ќе ја добиеме поддршка од САД, а за тоа ќе возвратиме и ние со поддршка, рече Ивановски.

На средбата на Стриклинг и Ивановски учествуваше и американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс

08.09.2014 - 13:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега