Нова пречистителна станица за отпадни води во Скопје

Изработката на Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за главниот град Скопје е од  исклучително големо национално и прекугранично значење за заштита на животната средина, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на потпишување на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството, Градот Скопје и компанијата „ЕГИС Еау“ од Франција.

- Студијата треба да го дефинира најдобриот пристап за финансирање, изградба и управување со станицата за третман на отпадните води која ќе опслужува околу 600.000 жители, нагласи Изаири.

Министерот се заблагодари на Владата на Франција, како и на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Светската и Европска банка за обнова и развој за, како што кажа, укажаната доверба и поддршка за реализацијата на проектот. 

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски посочи дека изградбата на пречистителна станица за отпадни води претставува врвен приоритет на Градот за што е и, како што рече, повеќегодишното ангажирање на Градот кој во соработката со Владата на Република Македонија и надлежните министерства посветено работи во насока на обезбедување средства и потребни ресурси за реализацијата на овој исклучително значаен проект.

- Доказ за тоа се веќе остварените проекти, но и активнотото учество во обезбедувањето на потребната документација и податоци и подготовката на апликацијата пред Европскта унија за обезбедување на средства преку ИПА фондовите за  изработка на техничка документација за реконструкција и проширување на градскиот канализациски систем, негова изградба и секако за изградба на самата пречистителна станица. Градот Скопје цврсто стои на определбата за најбрзо можно реализирање на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води, посочи Трајановски.

Според него, Градот Скопје и Владата на Република Македонија во периодот до 2020 година ќе успее во изнаоѓањето начини за обезбедување финансиски средства за отпочнување на изградбата.

За амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер оваа Студија е неопходна бидејќи ќе опфати третирање на отпадни води во град каде што има 600.000 жители, но и развиена индустрија  и каде што обемот на третманот на отпадните води е отприлика еднаков со град каде што живеат 1.000.000 жители.

- Оваа донација на  Владата на Франција ќе овозможи на жителите на градот Скопје преку посовршен третман на отпадни води да ја унапредат животната средина и да ги спроведат европските норми во град кој што цели кон траен развој и подобрување на секојдневиот живот на граѓаните, истакна Оер.

Целта на проектот е да се обезбеди висококвалитетни и одржливи решенија со кои се решаваат проблемите поврзани со третманот на отпадните води и управувањето со милта во услови на најмали оперативни трошоци и трошоците за одржување. Студијата вредна 729.000 евра е финансиски поддржана од фондот за студии и помош во приватниот сектор - ФАСЕП и француската влада. 

09.09.2014 - 15:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега