Се очекуваат жестоки расправи на собраниските комисии за буџетот
Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за здравство, за образование, наука и спорт, за надворешна политика, за култура и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
На дневен ред на седницата на Комисијата за финансирање и буџет се измените и дополнувањата на Законот за ревизија во второ читање и Предлог - законот за задолжителни нафтени резерви во прво читање.
Членовите на Комисијата за здравство ќе расправаат по измените на Законот за санитарната и здравствената инспекција, на Законот за јавно здравје, на Законот за прекинување на бременоста, на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина и на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, сите во прво читање. На седницата ќе бидаат разгледани и измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести и на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, двата во прво читање.
На седницата на Комисијата за образование, наука и спорт се дополнувањето на Законот за спортот во второ читање, измените на Законот за образование на возрасните во прво читање и Статутарна одлука за изменување на Статутот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје (прва фаза).
Пред членовите на Комисијата за надворешна политика новоименуваните амбасадори на Република Македонија во Република Казахстан и во Обединетите Арапски Емирати, Илија Псалтиров и Сашо Ташевски, ќе ги претстават платформите за дипломатските активности.
На дневен ред на Комисијата за култура е Предлог-законот за прогласување на Старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење во второ читање.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе ги утврдат Предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија и Предлог-одлуката за разрешување член на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа