Новите инвестиции лек - за страотната приватизација
Од работ на бездната до пример за стабилност. Кревкото новороденче за кое многумина се сомневаа дали ќе преживее израсна во зрела и стабилна држава, според повеќе параметри пример за многу поразвиени земји. Прво хиперинфлацијата, потоа сиромаштијата и невработеноста кои произлегоа од долгата и мачна транзиција го зедоа данокот. Македонија плати превисока цена за лошите економски потези и годините тапкање в место, анализира Лидер.
Последниве седум брза да го надомести загубеното. Се гради на секој чекор, се бркаат инвеститори на секој агол на земјината топка. Реформите не запираат.
Македонија прослави 23 години самостојност и независност. Граѓаните 23 години имаат своја, сопствена држава. Лидер анализира – каде беше тогаш, а каде е сега Македонија, што се промени во овој речиси четврт век, како стоиме на економски план?
Трнлив пат по референдумското „ДА“
Над 95 проценти од граѓаните, на 8 септември во таа 91-ва година, заокружија „да“, „да“ за сопствена држава, „да“ за нов почеток и за нови предизвици. Патот на почетокот беше трнлив. Македонија ја напушти СФРЈ како една од најсиромашните републики. Економијата трпеше од распадот на заедничкиот пазар, војните, санкциите кон СР Југославија, од грчкото ембарго (се проценува дека 20 месечната блокада ни предизвика штета од 1,2 милијарди долари).
Грчката блокада тешко ја погоди македонската индустрија, транспортот, негативно се одрази на извозот и на производството, се отпуштаа работници. Македонската економија беше во длабока рецесија, БДП тонеше сè до 1996-та година, кога за прв пат е регистрирана стапка на раст од 1,2 процента. Позитивниот тренд беше прекинат во годината на вооружениот конфликт, за потоа да регистрираме повисоки стапки (2007-та е рекордна, со стапка на раст на БДП од 6,1%). Дополнително, значително е променета и структурата на економијата за овие 23 години. Се намалува учеството на индустријата и на земјоделството во БДП, за сметка на зголемувањето кај услугите, што укажува на повисоко ниво на развој. Во исто време, ако се анализира БДП по глава жител, мерен преку паритетот на куповната моќ, низ годините прилично сме напреднале, иако се уште сме далеку од европскиот просек, кон кој и се стремиме. Ако во 99-та сме биле на ниво од 27 проценти од европскиот просек, последниве години се движиме околу 36 отсто од просекот на ЕУ.
Осамостојувањето одеше тешко. Приватниот сектор не беше доволно развиен, недостасуваше претприемачки дух, работната сила не беше доволно квалификувана, сет фактори кои се надоврзуваат на проблемите кои ги споменавме на почетокот, а поврзани со распадот на поранешната држава. Невработеноста драматично растеше , од 26% на 37,6% во периодот од 93 до 95 година, а социјалните разлики станаа огромни.
Катастрофална приватизација за многу невработени!
Славија, Алумина, Порцеланка, Центро, Железара, Кожара, Треска, Стаклара… Листата е речиси бескрајна, рој претпријатија – гиганти, од кои денес останаа само убави спомени. Многу економисти од Европа, како најнеуспешни приватизации на Стариот контитент, ги посочуваат токму процесите во Македонија и Романија. Она што започна во 1989 година со таканаречените закони на Анте Марковиќ, преку македонскиот закон од 93-та за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, до загубарите – беа продадени акции и удели во повеќе од 1.700 претпријатија. Државата инкасираше над 2,3 милијарди евра, што според проценките беше едвај 20 проценти од нивната вистинска вредност. Се приватизираа околу 95 проценти од македонските претпријатија, а за начинот на кој повеќето од нив продолжија да работат и не треба многу да се говори. Граѓаните останаа на улица, да го носат бремето на стечајниот работник, а приватизацијата стана непресушна тема за партиски конфронтации. ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери во СДСМ.
„СДСМ за време на своето владеење во Република Македонија затвори 684 фабрики и претпријатија, и остави над 200.000 илјади луѓе на улица, жртви на оваа погрешна приватизација“ – потсетуваат од партијата.
Во последниве 8 години, невработеноста се намали за речиси 8 проценти. Од 36 проценти на крајот од 2006-та, стапката на невработеност во првиот квартал од годинава се спушти на 28,4 проценти, историски најниска досега. Се зголемија пензиите, социјалната и постојаната парична помош, се зголемија и платите. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната нето – плата во првите години од осомостојувањето, изнесувала 3.782 денари, додека просечната нето – плата во јуни годинава, достигна 21.233 денари, што претставува номинално зголемување од 461% и реален пораст од околу 50%.
Хиперинфлација и нова валута
Во почетокот, во Македонија имаше хиперинфлација која итно требаше да се стави под контрола. Повозрасните се сеќаваат кога инфлацијата дневно растеше со стапки колку што сега е на годишно ниво, курсот на денарот дневно депрецираше и по неколку процентни поени, со огромни разлики меѓу официјалниот и уличниот, „црниот“ курс. Пред монетарното осамостојување, месечната стапка на инфлација изнесуваше 86% (1.199% на годишно ниво)!
Се воведе денарот, а во април 92-та и антиинфлаторниот пакет кој вклучуваше рестриктивна монетарна политика, намалена јавна потрошувачка, замрзнување на платите, ограничено замрзнување на цените… Само за илустрација, сега, стапката на инфлација се движи околу 3,3 проценти на годишно ниво, таа е ниска и стабилна.
Македонија целосно ја промени сликата и кога се работи за странските директни инвестиции. На почетокот, имајќи ја во предвид состојбата во опкружувањето, инвеститорите на заобиколуваа. Од 91-та до 2002-та во земјава влегле само 917 милиони долари СДИ. Со агресивната кампања, добрите бизнис услови, атрактивниот даночен пакет и слободните зони, Македонија стана препознатлива дестинација. Па така, во 2007-та влегоа 506 милиони евра СДИ, во 2008-та речиси 400 милиони, а лани 269 милиони. И покрај кризата, во изминатиов период, поголем број компании се решија да инвестираат во Македонија, што ветува дека и нивото на СДИ во следниот период ќе се зголемува.
Значително подобрен квалитет на животот
Квалитетот на животот е значително подобрен во изминативе 23 години.
Денеска е сосема нормално едно домаќинство да има персонален компјутер поврзан на интернет, а во 2000-та, само 7,9 проценти можеа да се пофалат во ова.
Во првите години на независноста се плаќаа баснословни суми за фиксен телефон, а мобилните беа луксуз. Денеска ретко кој нема мобилен телефон, пазарот е либерализиран, услуги нудат повеќе мобилни оператори, па и цените се драстично намалени. Според пресметките на ДЗС, за да купите машина за перење алишта во 1992, било потребно да работите 4 месеци и 17 дена, а сега само 17 дена.
Квалитетот на животот е подигнат и како резултат на големите инвестиции во здравството. Ако порано за операција се одело во Белград, низ годините на независност, Македонија успеа да изгради свои капацитети, врвни домашни професионалци, значително да го подигне нивото на услуги. Само во изминатите години, во здравството се реализира инвестициски циклус вреден 200 милиони евра, кој опфаќа воведување на најсовремена опрема, реконструкција и изградба на болници, а почна изградбата и на новиот Клинички центар во Скопје, на ПЕТ – центарот, на новиот објект на Институтот за белодробни заболувања – Козле, влегоа приватни инвеститори, се прошири палетата лекови на рецепт.
Напредок во повеќе сектори!
Воведувањето нови технологии во земјоделство и субвенциите кои се даваат во последните години значително ја променија сликата на македонскиот аграр. Ако во почетокот важевме за евтин извор на суровини, пред сè за пазарот во Словенија, и земја која во цистерни извезува наливно вино, сега создаваме сопствени препознатливи брендови. Во македонскиот аграр има континуиран напредок и развој. Зголемено производство и приноси се регистрираат кај клучните култури: пченицата, доматите, пиперките, грозјето, јаболката, иако низ годините се менуваат приоритетите и изгледот на обработливите земјоделски површини. На пример, споредено со 91-та, за двојно е зголен бројот на јаболкови стебла, а за 30% е помала површината под пченица. Се зголеми и финансиската поддршка. Во периодот 2011-2015 за земјоделски субвенции се одвои износ од 670 милиони евра, при што има помош и за набавка на нова механизација.
Промени има и во транспортниот сектор. Значително се промени сликата на возниот парк, пред сè како резултат на мерката за увоз на половни автомобили и автобуси. Ако во 91-та имало 249.654 регистрирани патнички автомобили, сега таа бројка надминува 310 илјади, со значително подобрување во делот на староста и квалитетот на возилата. Во изминатиов период активно се работи и на изградбата на железничката инфраструктура, на изградба на автопати, локални, регионални и магистрални патишта, а конечно, после повеќе од две децении независност, стартуваше изградбата на автопатот до нашиот најголем туристички центар Охрид, и автопатот Миладиновци – Штип, кој треба да прерасне во главна сообраќајна артерија на истокот.
Инвестиции се реализираа и на полето на енергетиката. Најголем дел од клучните капацитети за производство на електрична енергија се изградени уште за време на СФРЈ, а во првите години од осамостојувањето, во деведесеттите, немаше нови инвестиции кои би ни гарантирале енергетска стабилност. Поголеми проекти се реализираат во последниве години: се изгради ХЕЦ Света Петка, проект вреден 75 милиони евра, активно се работи на модернизацијата на РЕК Битола, се инвестира во мали хидроцентрали, се изгради ветерниот парк во Богданци, се инвестира за добивање енегрија од обновливи извори, а стартуваше и проектот за гасификација на целата држава, проект од исклучително значење за Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа