Вевчани го слави Денот на ослободувањето и 70-те години слободен живот

Ми причинува особено задоволство што за време на мојот градоначалнички мандат, се падна уште во првите 15 месеци, да го одбележиме овој голем македонски и вевчански јубилеј, 70-те слободни години и исто толкуте децении заедничка изградба и препород на Република Македонија и на нашето Вевчани.

Ова го истакана градоначалникот Цветомир Угриноски на Свечената академија посветена на 17 септември- Денот на ослободувањето на Вевчани и 70-те години слободен живот, одржана во кино салата на Домот на културата.

-Но, се одлучивме овој исклучително значаен историски настан да го одбележиме скромно, без музика, песни и игри, од едноставна причина што неодамнешната трагедија што не снајде, тоа го диктира и така треба да биде. Од друга страна пак, редно е, на сите заслужни вевчанци, кои во изминатите 70 години вложиле дел од себе за опстојувањето, изградбата и афирмацијата на Вевчани да им оддадеме признание, да се заблагодариме за нивните дела и со една Спомен благодарница да ја искажеме нашата љубов кон нив како личности, како неимари и визионери, какво што и ние сакаме да го градиме и да го живееме Вевчани, рече Угриноски.

Потсети дека само после 45 дена од одржувањето на АСНОМ, Вевчани било ослободено од страна на партизаните и почнал вистинскиот препород на Вевчани.

-Изградена е новата училишна зграда, задружниот дом, сега домот на културата, пренесени се гробиштата од двете локации во Варвара, изградена е хидроцентралата, почнува со работа селското  кино, обновен е објекетот за Здравствениот дом, првиот водовод, санирани и подоцна асфалтирани патиштата идр. Точно тие дела беа и се, нашиот патоказ, зашто и покрај сите желби во ограничените економски услови постигнати се исклучително многу резултати за што се заблагодаруваме и од нив се инспирираме за нашите нови заложби и остварување, зашто во овој наш сон вградени се сите желби, населбата да се шири, разубавува и постојано гради и напредува во интерес на сите нас, додаде градоначалникот на Вевчани.

Ние, посочи градоначалникот, нема да застанеме ни во следните години, зошто на тоа сме обврзани од едноставна причина нашето Вевчани да го направиме уште поубаво и поразвиено. Ги наброја и реализираните дела.

- Ја изградивме Портата за влез во Општина Вевчани, ја пуштивме во употреба комплетно опремената нова училишна зграда, која поради одредени субјективни проблеми и отсуство на волја можеше да остане и понатаму споменик, во детската градинка остваривме зафати за подобрувањето на условите за згрижените деца, подигнат е крстот  на манастирот „Свети Спас“, во тек е изградбата на црквата во Суво Поле, ги обновивме и изградивме мостовите во Вевчани, наскоро треба да завршат работите  на Спортската сала, која ќе има 500 седишта, асфалтиравме неколку  патишта и поставивме бекатонки на повеќе улици во населбата, ја пуштивме осовременета клучката за влез на вевчанскиот пат, се реализира поделбата на полето под концесии.

Угриноски ги наброја и зафатите на кои во овој момент се работи.

-При крај е изработката на планот за подигнување на Бензинска пумпа во Суво Поле, чија изградба ќе почне на пролет, забрзано се изработува  Главниот урбанистички план на населбата, со што ќе се изврши целосна урбанизација на Вевчани, се работи на изработка на проектот за уредување на плоштадот, кој според замислата на авторите ќе биде на три нивоа, изработена е и веќе во тек се искажувањата за намери за соработка во изградба на Вевчанскиот зимски рекреативен туристички центар на планината Јабланица со кој што сметаме дека нашата населба ќе се вброи во значајните зимски рекреативно – туристички центри на Балканот и пошироко со изградба на жичарници и ски лифтови заедно со хотели и инфраструктура, завршена е постапката и можам да кажам дека најпосле се добиени средствата за обнова и адаптација на старата училишна зграда на сретсело, која ќе претставува вистински наменски објект за повеќе општински дејности, чија адаптација ќе започне во првата половина на идната година и др. Овој мој мал отчет што сме сработиле за толку кратко време и исто така , што планираме да сработиме и уште толку и повеќе, сватете го како повик, искрено да ги насочиме сите наши сили за нивна реализација, при тоа создавајќи услови за лични иницијативи од поединци за развој на малото, а за нас големо стопанство , зашто тоа ќе е дело на сите и за сите во Вевчани.

17.09.2014 - 17:18


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега