Македонија со решителни чекори против сајбер-заканите

Мирот и безбедноста се предуслов за просперитет. Земјите од регионот чии претставници се присутни на овој состанок, заедно со САД, ЕУ и НАТО алијансата, заедно, почитувајќи ги основните вредности како слободата и демократијата, работат кон достигнување на заедничките цели – просперитетна иднина за следните генерации. Современите закани не се насочени кон само една земја и затоа е потребно партнерството и блиската соработка, во справувањето со нив. Размената на информации и соработката на воените разузнавачки служби е битен елемент.

Тоа го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на отворањето на форумот на Шефовите на воените разузнавања на земјите од Југоисточна Европа, кој се одржува денеска во Скопје, а е посветен на „Сајбер-заканите како растечко безбедносно прашање во Југоисточна Европа“.

Во контекст на темата на денешниот форум, Јолевски истакна дека сајбер-безбедноста е одличен пример за непостоењето на граници кога зборуваме за современите закани.

-Сајбер просторот е злоупотребуван од терористички организации, организираниот криминал и од индивидуалци. Република Македонија преку Воената академија превзема решителни чекори во подготвување на безбедносните агенции да се справат со сајбер-заканите и да ја одбранат земјата од тие напади, рече министерот.

SEEMIC форумот претставува механизам за регионална соработка на воено-разузнавачките служби на земјите од Југоисточна Европа. Иницијативата прв пат е реализирана во 2009 година, а поддржана од Регионалниот совет за соработка, Директоратот за разузнавање на НАТО и Военото разузнавање на Европската Унија. Земји-членки на SEEMIC се сите земји од ЈИЕ, со исклучок на Косово. Освен претставниците на овие земји, на годинешниот форум свое учество имаат и претставници од Агенцијата за одбранбено разузнавање, Националниот универзитет за разузнавање, главниот штаб на Европската команда на САД и процесот СЕДМ.

23.09.2014 - 15:20
Фото: 
курир


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега