Предлог буџетот за културата догодина 3,626 милијарди денари

Буџетот на Министерството за културата во 2015 година се планира на 3 милијарди 626 милиони денари и со него одделно ќе бидат финансирани сите дејности во културата и реализирањето на тековните и нови капитални проекти. Буџетот денеска го разгледа собраниската Комисија за култура, а го образложи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

- Се води рамномерен пристап кон сите дејности од културата и за сметка на одредена дејност не се занемарува некоја друга дејност... Се продолжува динамиката за капиталните проекти - продолжува изградбата на концертната сала на Македонската филхармонија, на Турскиот театар во Скопје, целосната реконструкција на Албанскиот театар-Скопје, изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, реконструкција на театарот во Струмица. Имаме и посебни ставки во капиталните проекти за опрема за дигитализација во НУБ „Св. Климент Охридски“, набавка на сценска и аудиоопрема во сите театри во државата и други капитални проекти, како реконструкција и санација на Бигорскиот манастир и на манстирот Трескавец, соопшти министерката за култура, која потсети и на  стимулативните мерки во сите дејности преку конкурси и откупи.

Пратениците позитивно го оценија буџетот зашто ги поддржува сите дејности, а за некои е и поголем од минатата година.

На мислењето на опозициската пратеничка Роза Топузовска-Каровска за мали издвојувања (како за археолошки истражувања, за културните центри во Софија и Њујорк, за ликовните колонии и публикации за локалитети), Канческа-Милевска одговори дека буџерот треба да се гледа во целост зашто покрај наведените ставки, некои проекти се финансираат и преку конкурсите од Годишната програма како проекти на институциите. Пр. 10 милиони денари за центрите во Њујорк и Софија се за простор и режиски трошоци, а финансирањето на нивните програми е во делот за меѓународна соработка или во индивидуалните проекти.

На прашањето на Топузовска-Каровска кога ќе се доврши патот до манастирот во Зрзе, министерката одговори дека ќе биде во април-мај 2015. За Трескавец патот е завршен, а во завршна фаза е и реконструкција на опожарениот дел и проектите за фрескоживописот и камбанаријата.

На прашањето на пратеничката зошто се планирани 67 милиони денари за Стариот театар кога тој е изграден, Канческа-Милевска рече дека средства се планирани за музејската поставка во театарот која ќе биде интернетски поврзана со други театари.

Пратеникот на ДУИ Реџаил Исмаили побара средства од буџетот за доизградба на Домот на културата во Липково. Рече дека  е рурална општина со околу 30.000 жители и има неколку културни здуженија кои немаат просторни услови. Еден дел од објектот е изграден со средства од ЕУ, а за другиот дел општината бара пари од Министерството за култура.

Канческа-Милевска одговори дека општината и нејзиниот градоначалник треба да аплицираат на отворениот конкурс за финансирање проекти од областа на културата, додавајќи дека се разгледуваат сите апликации и се поддржуваат приоритетите. 

МИА

Потсети дека е во тек конкурсот за финансирање проекти од областа на културата кој, согласно со измените на Законот за култура, веќе не е во јуни, туку во септември и оваа година со продолжен рок од 45 наместо 30 дена (т.е. до 15  октомври) зашто има новини во начинот на аплицирање. Прифатените проекти ќе бидат објавени во Годишната програма  на Министерството за култура, 15 дена откако Собранието ќе го изгласа Буџетот на РМ за 2015 година. 

24.09.2014 - 14:26


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа