Металург загуби од ПСЖ

 

Македонскиот ракометен првак Металург не успеа да извлече поволен резултат против големиот фаворит и еден од главните претенденти за трофејот, францускиот тим Пари Сен Жермен. Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје пред околу шест илјади гледачи, избраниците на тренерот Лино Червар загубија со 27:22 и со пораз стартуваа во Лигата на шампионите.
 
„Металурзите“ и покрај поразот му дадоа силен отпор на најскапиот состав во светот, а тоа го покажуваат и нерешените 11:11 на полувремето. Разликата од пет голови беше највисоката за парижаните и достигната во самиот финиш на средбата. 
 
Не се оствари желбата на нашите ракометари да се повтори ланскиот исход. Голем хендикеп за македонскиот шампион беше отсуството на Ренато Вугринец, херојот од победата остварена пред една година на истиот терен.
 
Најефикасни во тимот на Металург беа Филип Миркуловски со 5 реализации, Дејан Манасков и Мијајло Марсениќ имаа по 4 погодоци.
На голот на Металург за првпат сезонава беше Дарко Станиќ кој запиша 11 одбрани.
 
Кај гостите со ефикасна игра се истакнаа Михаел Хансен со 6 и Лук Абало со 5 погодоци. Тјери Омејер забележа 12 одбрани.
 
Во групата А освен овој натпревар во 1.коло од Лигата на шампионите вечерва уште играат: Ла Риоха - Мешков Брест и ППД Загреб – Кил.
 
Вчера вториот македонски претставник во елитното натпреварување, Вардар на гости го победи Целје со 27:26. 

29.09.2014 - 09:12

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега