Средба Груевски-Соботка: Чешка ја поддржува Македонија во ЕУ и НАТО
Чешка е подготвена целосно да ја поддржи Република Македонија при нејзините подготовки за влез во ЕУ и НАТО, истакна чешкиот премиер Бохуслав Соботка по средбата со премиерот Никола Груевски кој престојува во официјална посета на Прага.
Чешка, јави известувачот на МИА, цени дека кога се исполнети условите, нема потреба да се ограничува членство во НАТО и преговорите со ЕУ.
- Ние и натаму ќе бидеме активни во поддршката на проширувањето на ЕУ и НАТО што се однесува на Македонија. Чешката Република долго време ја поддржува Република Македонија на нејзиниот пат кон европските и атлантските интеграции и имаме позитивни оценки за чекорите кон подготовка на Македонија за членство во овие организации, нагласи Соботка.
Тој изрази подготвеност, како што рече, за сесрдна помош на тој пат, притоа искористувајќи го и делејќи го своето искуство за членството во ЕУ и имплементирањето на европското право и стандардите на Унијата.
Според него, пристапот кон евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и северноатлантските структури Чешка го гледа како пат кон стабилност и просперитет во цела Европа.
- Чешката Република жали што досегашниот став на Грција до некоја мера го блокира влезот на Република Македонија во ЕУ, истакна Соботка, притоа поздравувајќи ја, како што рече, добрата волја на Република Македонија да се најде политичко решение на оваа ситуација.
Премиерот Груевски рече дека Република Македонија високо ја цени принципиелната и конзистентна чешка поддршка за што поскоро и безусловно отпочнување на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, според веќе применетиот пристап на паралелно одвивање на преговори за членство во Унијата и на разговори за надминување на билатерална разлика со земја - членка.
- Република Македонија високо ја цени и почитува и заложбата на Чешката Република за европската интеграција на сите земји од Западниот Балкан, и таа чешка заложба претставува потег на лидерство, истакна Груевски.
Тој го информирал колегата Соботка дека македонската Влада продолжува со силно темпо и посветеност на спроведување реформи кои значат унапредување на сите општествени сфери, со исполнување на европските стандарди, со натамошна трансформација и модернизација на македонското општество и држава и со политиката на добри односи со сите соседи, особено со проактивен пристап во разрешувањето на билатералната разлика со Грција, која покрај почетокот на пристапните преговори со ЕУ, како што рече, ја попречува и нашата покана за членство во НАТО веќе шест години.
Влезот на Македонија во ЕУ, чешкиот премиер го смета за важен и заради тоа што Република Македонија за Чешката Република, како што истакна, е перспективен стопанско-економски партнер.
Груевски и Соботка се согласни дека има голем потенцијал за економска соработка во двете насоки. Јасна порака од премиерската средба во Прага е дека ширум се отвораат вратите за македонско-чешка бизнис соработка.
Недвосмислената политичка поддршка за Македонија од Прага, сметаат двајцата премиери, треба да се преточи и во економијата.
Во однос на тоа Соботка рече дека заемната трговска соработка со Македонија е многу динамична не само заради тоа што се зголеми извозот на Чешка, туку и заради увозот во Чешка од Македонија.
- Убеден сум дека чешките фирми можат да успеат во многу области, истакна Соботка, притоа посочувајќи пред се на гасоводната инфраструктура и модернизацијата на сообраќајната мрежа.
Двајцата премиери, на заедничката прес-конференција, позитивно ги оценија меѓусебните билатерални и мултилатерални односи кои, како што истакнаа, се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување. Изразија задоволство и од континуираниот дијалог кој се одвива помеѓу двете страни, за што, според нив, придонесуваат и големиот број средби на највисоко ниво. Тие присуствуваа и на потпишување Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за управување со кризи на Република Македонија и Противпожарната служба на Чешката Република.
Премиерот Груевски нагласи дека Република Македонија останува посветена на засилување на севкупната билатерална соработка со Чешка на секое ниво од заемен интерес.
- Со премиерот Соботка се договоривме акцентот во наредниот период да го ставиме на унапредувањето на економско – трговската соработка, зацврстувањето на деловните релации на нашите бизнис заедници, инвестициската соработка и привлекувањето на што поголем број чешки компании во реализацијата на крупни и значајни проекти во Република Македонија, во секторите како енергетика, земјоделство или транспорт, рече Груевски.
Притоа тој ги претставил и поволностите што Република Македонија ги нуди на странските инвеститори, за кои смета дека е добро да ги изанализира секоја компанија од Чешка која има план за ширење на својот бизнис надвор од границите на матичната земја.
Станало збор и за унапредување на соработката во образованието, со што ќе им се овозможи на што поголем број македонски односно чешки студенти да се образуваат и усовршуваат на високообразовните институции во двете земји.
Двајцата премиери ја истакнале и заедничката посветеност за натамошно продлабочување културната соработка, со што ќе се даде дополнителен придонес во зближувањето меѓу македонското и чешкото општество.
- Се согласивме и дека заокружувањето на договорната рамка за секторската соработка ќе придонесе за продлабочување на партнерството меѓу Република Македонија и Чешката Република. Токму поради тоа сметам дека денешното потпишување на Меморандумот за соработка во случај на катастрофи меѓу Центарот за управување со кризи и чешката Служба за пожари и спасување претставува чекор во вистинската насока, рече Груевски.
На крајот тој истакна дека Република Македонија и Чешката Република се пријателски земји и ние, како што рече, ќе се трудиме да ја унапредуваме меѓусебната соработка на секое ниво.
Премиерот Груевски заедно со чешкиот премиер Соботка ќе го отворат Бизнис форумот за трговски и инвестициски можности на чешките компании во Македонија, каде претставници на чешки компании ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти пред претставници на македонското Министерство за економија и Агенцијата за странски инвестиции.
Во рамки на официјалната посета во Прага, премиерот Груевски ќе има средба и со претседателот на Чешка, Милош Земан.
Предвидена е и посета на универзитетската болница Мотол и потпишување меморандум за разбирање.
Во делегацијата предводена од македонскиот премиер се и минисерот за надворешни работи Никола Попоски, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа