Дибиров: Ќе одиграме квалитетен натпревар-„Јане Сандански“ да стане неосвоива тврдина

 

Вардар во сабота го игра вториот натпревар во Лигата на шампионите и тоа на домашен терен против Чеховски Медведи.

Натпреварот против рускиот шампион ќе биде првиот меч за „црвено-црните“во новата сала во СЦ “Јане Сандански”.

Левото крило на Вардар, Тимур Дибиров и поранешен ракометар на Чеховски Медведи, очекува СЦ “Јане Сандански” да стане нова неосвоива тврдина.

-Очекувам тежок натпревар бидејќи Чеховски Медведи е квалитетна екипа. Сите тимови знаат да играат квалитетен ракомет, а тоа го докажаа ракометарите на Целје, на првиот наш натпревар оваа сезона. Сакам СЦ ‘Јане Сандански’ да стане новата неосвоива тврдина во Скопје, каде што нема да слави ниту една гостинска екипа. Ова ќе биде посебен натпревар за сите поранешни ракометари на рускиот тим кои што сега настапуваат во Вардар, но на теренот нема да има сентименталности и ќе играме професионално, вели Дибиров.

Според тренерот Раул Гонзалес, новата сала ќе предизвика дополнителен притисок врз ракометарите, но тоа не смее да влијае врз резултатот. Тој е оптимист и очекува нова победа во елитното натпреварување.

-Мечот е многу важен за нас, ние очекуваме продолжување на победничката серија и нови бодови на нашетo конто. Против Целје не одигравме на потребното ниво, но затоа очекувам многу подобра игра на дуелот против Чеховски медведи. Играме натпревар на секој три дена и немаме што многу да менуваме во нашата игра. Руската екипа игра слично како и ППД Загреб и се надевам дека ќе ги совладаме. Утре ќе го играме првиот натпревар во нашата нова сала, тоа е прекрасен момент, кој сигурно ќе има и дополнителен притисок врз ракометарите. Се надевам дека сето тоа ќе го претвориме во позитивна енергија и ќе одиграме квалитетен натпревар, изјави Гонзалес.

Инаку, Вардар се вклучува во хуманитарната акција, според која 10 денари од секој продаден билет ќе одат во хуманитарни цели.

Натпреварот Вардар – Чеховски Медведи ќе се одигра во сабота, од 19.00 часот.

02.10.2014 - 14:02

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега