Полицијата го расчисти инцидентот во кафе-барот „Гаџа“ - кривични за пет лица

СВР Скопје го расчисти инцидентот кој пред една недела се случи во кафе-барот „Гаџа“ во Старата скопска чаршија. Ќе биде поднесена кривична пријава против 22-годишниот скопјанец М.К. кој е осомничен дека извршил три кривични дела од кои едно ,,насилство“ и две ,,тешки кражби на дрзок начин“, како и против Ф.Д.(21), Ј.А.(19), М.И.(20) и Р.М.(22) за извршено кривично дело „насилство“.

Имено, на 04.10. околу 23.15 часот на улица ,,Казанџиска“, во кафе-барот „Гаџа“ лоциран во Стара Скопска Чаршија, насилниците прво почнале расправија со оштетените бидејќи не биле пуштени во локалот без да платат влезници. МВР денеска соопшти дека тие ги нападнеле оштетените удирајќи ги со боксови и клоци во пределот на главата и телото со што им се нанесени видливи телесни повреди. Додека траел нападот првопријавениот успеал да ги грабне и двете машки црни чанти од оштетените кои ги носеле на себе. Во едната имало две банкноти по 500 евра, 12000.00 денари, еден клуч од патничко моторно возило и една патна исправа, а во другата имало 1.750 евра во разни апоени. Потоа сите горепријавени лица со стаклени шишиња почнале да фрлаат кон оградното стакло на локалот кое го искршиле и по кратко време истите заминале со такси возило во правец на населба Топанско Поле, поточно во амбуланта Викторија каде откако ги одзел паричните средства, првопријавениот украдените машки чанти ги фрлил на кровот од наведената амбуланта.

По неколкудневна истрага, утврден е идетитетот на осомничените и истите се лоцирани и приведени. Во службените простории на Полициската станица од ОН Битпазар извршен е службен разговор со горепријавените лица во кој тие го појаснуваат кривично правниот настан. Првопријавениот во целост го појаснил и одземањето на чантите со наведените предмети. Исто така во службените простории, оштетениот и еден од сведоците на настанот извршија непосредно препознавање т.е соочување со осомничените лица во кои истите ги препознаа како сторители на кривичното дело случено во „Гаџа“ бар во Стара Скопска Чаршија.

Инаку, против дел од осомничените и претходно се поднесувани кривични пријави од областа против животот и телото и имотните деликти и тоа: против М.К. во 2014 година поднесена е една кривична пријава; против Ф.Д. од 2012 до 2014 година поднесени се три кривични пријави; против Ј.А. од 2011 до 2014 година поднесени се две кривични пријави, додека М.И. и Р.М. не евидираат во казнената евиденција.

11.10.2014 - 12:45


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа