Сарачини: Владата ќе продолжи да го унапредува деловниот амбиент во Македонија
Мерките и политиките за подобрување на бизнис климата во Македонија, измените на законските решенија кои придонесуваат за подобрување на конкурентноста на бизнисите, измените на законите за едношалтерски систем, за трговските друштва и за минерални суровини, и забрзувањето на стечајната постапка се дел од темите за кои зботува министерот за економија Ваљон Сарачини во интервју за Македонската информативна агенција.
Кои се според вас најактуелните мерки и политики креирани во изминатиов период за подобрување на бизнис климата, на ниво на Влада и на ниво на Министерството за економија?
- Во својот досегашен мандатен период актуелната Влада на РМ беше целосно посветена на унапредување на деловниот амбиент во земјата. Предвидените мерки и политики успешно ги реализираме, за што говорат признанијата од релевантни меѓународни организации како што се Светска банка, фондацијата „Херитиџ“ и други. Меѓу бројните реформски мерки што Владата ги реализира во минатиот период, како позначајна мерка во која активно учество зема Министерството за економија би го издвоил проектот „Регулаторна гилотиња“, со чија реализација се укинаа или намалија административните ограничувања на бизнисот со измена, дополнување или укинување вкупно на над 2.000 прописи. Со цел зголеување и одржување на финансиската кондиција и конкурентноста на фирмите, како и намалување на негативните последици од свестката економска криза и спречување на појавата на социјална криза, Министерството активно учествуваше во креирањето и реализацијата на мерките од неколкуте антикризни пакети, меѓу кои ќе го споменам последниот, т.н. петти пакет мерки, за поттикнување на стопанство и негова заштита од силното негативно дејство на кризата. Овозможивме добивката да се оданочува само ако е распределена во дивиденда, рокот за плаќање на ДДВ го поместивме за 10 дена, а воведовме и мирување на обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување, отписи на камати кога е платен долг по основа на даноци и придонеси, ослободување на каматите од оданочување, одлагање на плаќање на даночниот долг, репрограмирање на долговите на фирмите врз основа на социјални давачки на 36 месеци, пониско одданочување на земјоделците за 80 отсто, инвестициска програма со која се предвидени голем број инфраструктурни проекти, мерки за олеснување на извозот на стоки...
Во правец на поддршка на економијата и зголемување на конкурентноста на компаниите во Македонија обезбедивме кредит од ЕЦБ во износ од 250 милиони евра за подобрување на ликвидноста и за инвестиции на македонските мали и средни претпријатија, со гарантна шема од МБПР и со субвенционирана камата до 5,5 осто. Воведовме специјални програми за вработување и самовработување на илјадници лица. Во соработка со стопанските комори донесовме и пакет мерки за поддршка на металуршката индустрија, како и поддршка за градежниот сектор, кој има огромно влијание врз над 20 други економски сектори. Со цел поттикнување на домашните и странските инвеститори се интензивира отворањето на неколку технолошко-индустриски развојни зони, со нудење повеќе бенефиции, особено во делот на намалени или целосно елеминирани обврски за плаќање т.н. комуналии, одложено плаќање на даноци и друго. Во иста насока и со иста цел е отворањето на повеќе индустриски зони, со нудење соодветни поволности за инвеститорите. Воспоставивме можност за исклучително брза регистрација на фирми (за три часа), а перманентно се работи на поттикнување на претприемништвото, туризмот и рударскиот сектор, како силно потенцијални стопански области. Така, во туризмот има растечки субвенции на актерите во таа област, а продолжува и интензивната промоција на Македонија, како атрактивна труистичка дестинација. Во функција на намалување на финансиската недисциплина во платниот промет, воведена е задолжница со која ефектно се реализираат меѓусебните обврски и побарувања на претпријатијата. И, секако, паралелно со сето ова, успешно се реализира и т.н. фискална децентрализација, со која на општините им се дадоа бројни надлежности, но и можности за остварување се поголеми сопствени приходи, како што се оние од издадените концесии во минералните суровини и малите хидроцентрали, што тие ги користат за подобрување на локалната деловна клима, а со тоа и за поттикнување на локалниот економски развој.
Со цел директно намалување на административните бариери и создавање на поволен бизнис амбиент во последниов период беа изготвени измените на Законот за едношалтерски систем, измените на Законот за стечај, Законот за трговски друштва, а беше донесен нов Закон за минерални суровини и Законот за индустриски зони. Со измените и дополнувањата на овие закони, работени според потребите на бизнис заедницата, се отиде неколку чекори напред во оваа владина цел.
Воведувањето на едношалтерски систем и неговата фазна реализација овозможи поволности за деловниот и банкарскиот сектор, како и за странските инвеститори. Кои се најзначајните придобивки во тој дел и што предвидуваат последните измени на Законот за едношалтерски систем?
- Последните измени на Законот за едношалтерски систем стапија на сила на 25 мај годинава. Меѓу придобивките за бизнис заедницата, кои се регулираат со законот, се стимулирање на електронската регистрација на фирма, преку намалување на трошоците за нејзиното регистрирање, олеснување и поедноставување на административните процедури за регистрирање трговско друштво или трговец поединец, како и заштеда на време и финансиски средства за лицето кое сака да регистрира фирма, на сметка на регистрацискиот агент, кој би ја презел сета таа активност, без надоместок-бесплатно. Поради намалените трошоци за основање, ова ќе придонесе за зголемување на бројот на новоосновани субјекти во сите општини, а се создава можност уписот да се изврши од било каде, односно локално, бидејќи подносителите нема да мора да доаѓаат во некоја од регистрациските канцеларии на Централниот регистар во Скопје, туку таа постапка би можело да се спроведува во местото на живеење, бидејки регистрациските агенти се субјекти кои би вршеле дејност на територијата на целата држава. Убеден сум дека со последните измени на Законот за едношалтерски систем ќе овозможиме подобрување на рангирањето на Република Македонија, во делот на Извештајот на Светска Банка, според индикаторот „Започнување бизнис“. Или, подетално да објаснам, пријавата за упис на субјектот во електронска форма во име на подносителот да може да биде поднесена и од страна на регистрациски агент, преку Системот за е-регистрација, без за тоа да бидат наплатени било какви трошоци. Обврска за регистрацискиот агент е да го утврдува идентитетот на учесниците во постапката за регистрација, и да ја утврдува веродотојноста на потписите на прилозите кон пријавата за упис.
Што превзема Министерството за економија со цел забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите?
- Со цел забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите подготвени се измени и дополнувања на Законот за стечај. Станува збор за опсежни измени од повеќе од 80 члена на законот. Пред се, скратени се роковите за постапување на органите на стечајната постапка, воведени се рокови за постапување онаму каде што тие досега не беа предвидени, зајакнато е постапувањето на членовите на одборот на доверителите, со тоа што при гласање мораат да се изјаснат „за“, или „против“ и веќе нема можности за одлагање на седници поради немање мислење при гласање. Со измените и дополнувањата на овој закон предвидена е електронска продажба на имотот на должникот, доколку е донесена одлука за престанок на деловниот потфат, се воведува електронско именување на стечајни управници и, што е најзначајно, воведени се стечајни постапки од мала вредност, по поедноставена процедура. Новитет е и можноста за реорганизација на должникот пред отворање на стечајна постапка во предходна постапка која има краток рок од 60 дена.
Ја споменавте реорганизацијата пред стечај. Што ќе значи тоа како процедура за фирмата и која ќе биде придобивката?
- Ова е посебно значајна новина, која за првпат се воведува во Република Македонија, и битно се разликува од постапката за доброволно порамнување пред стечај. Согледувајќи ги слабостите на постапката за доброволно порамнување пред стечај, во нашиот закон должникот и доверителите вршат порамнување пред отворање на стечајна постапка во предходна постапка, која се спроведува во судот. Ова е направено од причина што само судот може пред стечај да определи мерки за обезбедување на имотот и средствата на должникот додека трае договарањето помеѓу доверителите и должникот. На тој начин се избегнува можноста, додека трае договарањето, присилно да се оттуѓува имотот или да се извршуваат решенија врз имотот на должникот. На овој начин, доколку се постигне договор помеѓу должникот и доверителите за реорганизација пред стечај, му се дава можниост на должникот да го продолжи бизнисот, а со тоа да се спасат изгубени работни места. Исто така, ова би требало да доведе до поголема сигурност во правниот промет затоа што доверителите можат да го спасат должникот од банкрот доколку за тоа има економски услови.
Имаме ли стручни кадри кои ќе знаат да оценат дали понудениот план за реорганизација е реален?
- Во законот, односно со измените е предвидена посебна специјализација на стечајни управници кои ќе водат план за реорганизација пред стечај. Исто така, тоа ќе значи посебна едукација и за судиите, како и за менаџерските тимови, кои ќе можат да препознаат момент кој е погоден за поднесување план за реорганизација. Би сакал да напоменам дека веќе има обучени проценувачи од разни области, а секоја процена може да биде подложена на ревизија на соодветна комисија во Комората на проценувачи.
Во измените на законот се споменува и електронската продажба и стечај по скратена постапка. Што е карактеристично за нив и за какви случаи се наменети?
- Електронската продажба е вообичаена пракса во повеќето земји со развиени пазарни економии. За таа цел, во измените на законот е предвидена електронска продажба со строги критериуми и рокови. Продажбата најчесто се врши по електронски пат со јавно наддавање, без почетна вредност. Ова е од причини што реалната цена на секој производ ја определува пазарот. Во досегашната пракса имавме нереални процени и огласи за продажба и по повеќе од десетина пати. Со новите измени се предвидени рокови од 90 дена, во кои мора да заврши продажбата. Доколку тоа не успее во определениот рок, имотот на должникот се распределува на доверителите на идеални делови, во процент согласно нивните утврдени побарувања. По исклучок може само со одобрение на судијата, по скратена постапка да се продаваат производи, кои се склони на расипување или се со определен рок на траење, и тоа со цел да не настане штета од нивно чување по истекот на рокот.
Стечај по скратена постапка е, всушност, стечај од мала вредност, каде што имотот на должникот не преминува вредност од 1.000.000 денари. Тука е предвидена скратена постапка со цел да не се формира одбор на доверители, туку стечајниот управник да може да предложи одлуки на собранието. Притоа, собранието ги донесува одлуките, кои треба да бидат одобрени од страна на стечајниот судија. Исто така, предвидено е непосредно отворање на стечајна постапка, без спроведување на предходна постапка, кога должникот кон предлогот доставува докази за својата инсолвентност и докази за својот имот, врз кој ќе се води постапката. Во овој случај, не е потребно водење на предходна постапка, со оглед дека кон предлогот се доставени сите релевантни докази. Овој предлог може да го поднесе и ликвидатор, кој водел постапка за редовна ликвидација, но во која не се обезбедени доволни средства за намирување на сите доверители во целосен износ. Во тој случај, ликвидаторот е должен да поднесе предлог за отворање на стечајна постапка .
Меѓу предлог мерките за подобрување на деловната клима, според препораките на „Doing Business 2013“ на Светска банка е и измена на Законот за трговски друштва. Какви олеснувања во административната постапка за деловните субјекти носи овој закон?
- Со решенијата кои ги нудат последните измени на Законот за трговски друштва се планира да се подобри деловната клима согласно препораките на извештајот „Doing Business“ на Светска банка, и тоа во делот на олеснување на административната постапка за упис во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, преку стимулирање на Систем за електронската регистрација на фирми, со цел да се надмине сегашната состојба за негово слабо користење. Истовремено, се постигнува подобрување на заштитата на правата на малцинските акционери, во случај на постоење сомневање за можни нерегуларности при работењето на акционерското друштво, односно заради поголема правна сигурност, на акционерите кои имаат најмалку 10 отсто од основната главнина на друштвото им се дава можност за ангажирање на овластен ревизор, кој ќе изврши увид/ревизија согласно со меѓународни стандарди, во случај на постоење сомневање пред да поднесе тужба пред надлежен орган.
Овозможивме и пролонгирање на рокот за електронско доставување годишни сметки до Централниот регистар, кои сега освен до крајот на месец февруари, ќе можат да ги поднесуваат и најдоцна до 15 март наредната година. Трговците кои нема да ги достават податоците од годишната сметка до 28 февруари и 15 март ќе мора да платат посебен надоместок, што ќе се утврди во тарифата на Централниот регистар. Воведена е обврска за средните и големите трговци годишните сметки задолжително да ги доставуваат само во електронска форма, односно само преку интернет страницата на Централниот регистар, а во делот бришење неактивни субјекти од надлежниот регистар, се предлага пролонгирање на сегашниот рок од 60 дена за отпочнување постапка за стечај или ликвидација на субјектите, на 120 дена, како и проширување на примената на овој рок и на субјектите за кои веќе се отпочнати стечајни и ликвидациски постапки пред належниот суд.
Измените на Законот за минерални суровини беа направени на барање на бизнис заедницата, а во насока на олеснување и забрзување на постапките на деловните субјекти. Се чувствуваат ли ефектите на терен од овие измени?
- Во насока на пресретнување на потребите на бизнис секторот, Министерството за економија изработи нов Закон за минерални суровини, со кој се создадоа подобри услови за вршење на детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини и создавање на конзистентна правна рамка која ќе кореспондира со реалните потреби. Имено, факт е дека интересот за овој сектор е се поголем, за што зборуваат и конкретните инвестиции на терен, а според најавите се очекува дополнително интензивирање и на интересот за инвестирање, како и на интензивирање на активностите на постојните концесионери. Со Законот за минерални суровини дополнително се придонесе кон развој на овој сектор, а бенефитите од тоа веќе се чувствуваат, бидејќи станува збор за индустрија која поттикнува низа други економски гранки. За да се намалат административните процедури се даде можност на концесионерите за проширување на просторот за истражување уште во фазата на детални геолошки истражувања, а целта е рационализација на овој процес. Во таа насока, се предвиде припојување на соседни концесии на еден концесионер од ист вид на минерална суровина. Ова важи и за концесии за експлоатација, каде се даде можност за припојување на концесиите во случај кога концесијата се простира на исто наоѓалиште за ист тип на минерални суровини. Во насока на кратење на роковите во новиот Закон за минерални суровини, освен за металичните и енергетските минерални суровини се предвиде мислење по однос на поднесената иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања да се бара само еднаш т.е. во оваа фаза, а не како што во предходниот закон, мислење да се бара и пред отпочнувањето на истражување и пред отпочнувањето на експлоатацијата. Во насока на пропишување на разумни рокови кои кореспондираат со реалните состојби на терен, кај металичните и енергетските минерални суровини се зголеми рокот за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација од две на четири години. По донесувањето на овој закон веќе доделивме над 100 концесии, со кои се отворија повеќе од 200 работни места и остварен е приход во буџетот на Република Македонија од над 100 милиони денари.
При реализацијата на овој закон се увиде дека неопходно е да се изврши уште една измена, за да се овозможи непречено продолжување со работа на голем дел од веќе доделените концесии, за која неодамна одржавме и јавна расправа со рударскиот сектор. Во насока на унапредување на бизнис климата извршивме измена во делот на создавање на услови за проширување на концесиите за експлоатација и заради зголемување на инфраструктурните капацитети кои се во функција на рационалната експлоатација, како што се пристапни патишта, електрични инсталации и уреди, објекти, згради за луѓе и опрема и сл. Проширувањето е во функција за обезбедување на подолг век на експлоатацијата на минералните суровини кај рудниците каде што се врши експлоатација на металични минерални суровини (жични рудни тела). Со измените се врши целосно усогласување на лиценците од рударската област со лиценците од геолошката област, односно повеќе нема да се издаваат посебни лиценци и овластувања за подземна и површинска експлоатација и преработка на минерални суровини, туку ќе се издава унифицирана лиценца и овластување за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација и преработка на минерални суровини. Да напоменам дека овој предлог закон е веќе во владина процедура, а со него уште повеќе ќе се олеснат условите за водење бизнис во овој значаен сектор.
Што е следно во законската регулатива што ќе донесе поедноставување на бизнис процедурите?
- Во претстојниот период како Влада ќе продолжиме со реализација на својот реформски однос кон економијата. Нашите приоритети на кус и на среден рок, првенствено, ќе бидат насочени кон зголемување на конкурентноста на фирмите, поттикнување на нивното производство и зголемување на стапката на вработеност. Меѓу позначајните мерки би ја споменал изградбата на хидроцентрали (мали и големи), поттикнување на изградба на сончеви колектори и на ветерници со цел зголемување на производството на домашна електрична енергија, намалување на нејзината цена, односно на еден од најзначајните и најголемите влезни трошоци во производството на домашните фирми и зголемување на нивната конкурентност. Секако, продолжуваме со проектот „Регулаторна гилотиња“, во кој учествуваат речиси сите министерства, во насока на отстранување на новопојавените и/или новолоцираните административни бариери за бизнисот. Континуиран процес е и реконструкцијата на постојната и изградба на нова патна и железничка инфраструктура, односно т.н. капитални буџетски инвестиции, како силен поттикнувач на производството, трговијата и извозот на стоки и услуги, за брза и ефектна комуникација меѓу фирмите. Во претстојниот период ќе преминеме на воведување т.н. „едношалтерски информациски систем“, кој е планиран да биде во рамки на Министерството за економија, чија цел ќе биде собирање и доставување на сите потребни податоци и информации до сите заинтересирани домашни и странски инвеститори, а ќе се продолжи и со намалување на стапките на социјалните придонеси веднаш по завршувањето на светската економска криза, што ќе ги намали трошоците на фирмите и ќе ја поттикне нивната побарувачка за работна сила. Во тек е и засилена реализација на веќе преземените и преземање дополнителни мерки за постепено менување на структурата на работната сила согласно барањата на пазарот на труд, а ќе се продолжи со натамошно засилување на финансиската дисциплина на економските субјекти, преку воведување фискални сметки секаде каде што во минатиот период било пропуштено или не било можно нивно воведување, како и веќе споменатото воведување систем на брз стечај и/или ликвидација на трајно неликвидни или несолвентни фирми и сл.
Извор: МИА