Ставрески: Државата им помага на граѓаните да го решат станбеното прашање

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска го посети саемот „Купи куќа, купи стан“ во Сити мол каде на едно место се собрани сите градежни компании кои што нудат станови до 900 евра и куќи кои што можат да бидат изградени типски, банките кои што нудат кредити, како и претставници од министерството за финансии чија задача е да им објаснат на граѓаните како да ги добијат субвенциите.

- Интересот е огромен бидејќи се работи за многу добар проект за луѓето коишто немаат многу пари и можат само делумно да приберат средства за да го решат животното прашање, но од друга страна им треба малку помош и тука е државата со субвенциите што ги дава, односно Владата со субвенции коишто достигнаат и до 14.000 евра доколку се работи за куќа за кредит од 50.000 евра. А доколку се работи за стан субвенциите достигнуваат до 9.200 евра, истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој апелираше до младите кои се уште го немаат решено станбеното прашање да дојдат во текот на овие неколку дена, саемот трае од 24 до 28.октомври, да се информираат и да се одлучат за некоја од поволните опции што се нудат.

 Очекувам во текот на денешниот и утрешниот ден како и во понеделник и вторник да продолжи овој голем интерес и задоволен сум што информациите што ги добивам од сите страни зборуваат дека првиот ваков Саем е вистински погодок и дека тоа ќе ни даде мотив и волја во идина да организираме вакви манифестации, посочи Ставрески.

Околу 350 граѓани досега аплицирале и од буџетот минатата година биле одвоени 2,5 милиони евра за субвенции за овој проект, а истото се планира и за идната година.

25.10.2014 - 13:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега