Ослободени обвинетите за смртта на млад Британец на Закинтос

Грчки суд ги ослободи четворицата обвинети за смртта на младиот Британец, Метју Крајер, во 2008 година на островот Закинтос во Јонското Море и нареди прекинување на нивното натамошнио кривично гонење.

Британските медиуми, што го следат случајот со 17-годишниот тинејџер од Шефилд кој беше своето прво летување со другарите во странство, им приговараат на грчките власти за начинот на кој ја водеа постапката околу смртта на Крајер.

Тие ја критикуваат работата на грчката полиција на Закинтос, која брзо го затвори случајот, а потоа се согласи одново да покрене истрага откако во Велика Британија судијата коронер што ја испитуваше смрта на младиот Крајер, заклучи дека момчето е „брутално убиено“.

Грчката полиција претходно соопшти дека Британецот починал како последица на преголемата доза алкохол. По приговорот на родителите и силниот притсок од Велика Британија за откривање на вистината, во 2011 година полицијата во Грција се согласи одново да го испита случајот.

Користејќи ги сознанијата на британската истрага и на коронерот, грчката полиција уапси четири лица вработени во еден ноќен клуб, каде момчето последен пат е видено живо и сите беа изведени на суд.

Според медиумите во Лондон, родителите на момчето се разочарани од ослободителната пресуда и се загрижени што немаат повеќе правни средства за откривање на вистината за смртта на нивното дете, иако грчкиот обвинител во случајот ги посоветувал дека може да се жалат на пресудата.

Метју Крајер беше најден мртив на плажата во Лаганас на островот Закинтос, пред повеќе од шест години, откако со другарите отишол на забава во еден локален ноќен клуб.

Коронерската истрага во Велика Британија во 2009 година заклучи дека Крајер починал како последица на нанесените 20 повреди по телото и дека момчето било убиено.

Сведоците во ноќниот клуб за грчката полиција, а подоцна и за коронерската истрага, изјавиле дека вратарите на клубот грубо го исфрлиле момчето на улица, го претепале, а потоа го оставиле неговото тело да паѓа по скалите.

Медиумите во Лондон ја пренесуваат изјавата на таткото на убиениот Британец дека ќе продолжи да се бори со грчките правосудни власти за да ја открие вистината и да се казнат виновниците. 

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 17:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега