Договорите за продажба на државно градежно земјиште ќе се склучуваат електронски
Договорите за продажба на државно градежно земјиште ќе се склучуваат електронски. Ова го овозможуваат измените на Законот за градежно земјиште кои денеска го поминаа првото читање во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.
Според ресорниот заменик министер Ниметула Халими, со ова предлог решение се реализира делот од владината програма кој предвидува создавање законски претпоставки за отуѓување државно градежно земјиште и склучување договори по електронски пат.
- Со предложените решенија ќе се создадат законски претпоставки за отуѓување на државно градежно земјиште и склучување договори по електронски пат. Целта е да се подобри квалитетот на обезбедувањето услуги кон граѓаните, ефикасно и транспарентно водење на постапките за отуѓување и давање под закуп државно градежно земјиште, рече Халими, образложувајќи го текстот.
Се воведуваат и две нови постапки - за пренесување на правото на градење и за пренесување на правото на сопственост на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, кои до сега не беа предвидени со Законот за градежно земјиште.
- Со новата законска интервенција се прави чекор напред во легализирањето на односите во сферата на градежното земјиште, постапките се поедноставуваат и стануваат многу поефикасни, нагласи Стојан Миланов од Социјалистичката партија.
Како што беше посочено во кратката комисиска расправа, измените предвидуваат и усогласувања со законите за катастар на недвижности и за инспекциски надзор.
На седницата, првото читање го поминаа и измените на законите за облигациски и стварноправни односи во воздушниот сообраќај, за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води и за квалитет на амбиенталниот воздух.
Согласно измените на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води, се регулира начинот на доставувањето на сметките на правните и на физичките лица. Правните лица сметките ќе ги добиваат електронски, а на физичките ќе им бидат доставувани електронски само доколку така сакаат.
Измените на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух предвидуваат следењето на изворот на емисии и контрола на квалитет на амбиенталниот воздух да се врши преку тела акредитирани од Институтот за акредитација на РМ, научни и стручни организации или други правни лица акредитирани од акредитициски тела во Швајцарија, Германија, Велика Британија, Франција, Финска, Шведска, Данска и Холандија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа