НБРМ: Економијата и натаму ќе расте, раст има и кај депозитите и кредитите

 

Домашната економија и натаму ќе расте, но со малку позабавена динамика, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народната банка на Република Македонија. 

Во објавените податоци наведуваат дека тоа е во согласност со очекувањата во октомвриските проекции. 

Натамошни поволни движења според објавените податоци на НБРМ забележани се и кај депозитите и кредитите. 

Растот на вкупните депозити во октомври, според објавените податоци, продолжи иако со значително послаба динамика споредено во септември. Зголемувањето во целост произвлегува од растот на депозитите на населението при умерено намалување на корпоративните депозити. Годишната стапка на раст на вкупните депозити изнесува 8,5 проценти, додека најновата октомвриска проекција за четвртиот квартал на 2014 година предвидува раст од 8,8 отсто. 

Остварениот годишен депозитен раст во поголем дел се должи на зголемувањето на денарските депозити, но во оваа насока делуваат и депозитите во странска валута (придонес од 21% во вкупниот годишен раст). 

Според податоците заклучно со октомври, структурата на вкупните депозити и натаму е стабилна, при што поголемо учество имаат депозитите во домашна валута, кои учествуваат со 51,2 проценти. 

И кај кредитите остварениот прираст е со нешто послаба, но блиска динамика споредено со септември. Главен двигател се кредитите одобрени на домаќинствата на кои отпаѓаат 70 проценти од вкупниот прираст, но и корпоративните кредити имаат позитивен придонес. 

Годишната стапка на раст на вкупните кредити на крајот на октомври изнесува 9,7 проценти, додека октомвриската проекција за крајот на четвртиот квартал предвидува годишен раст од 8,7 отсто. Во текот на октомври, вкупните кредити се зголемија за 1.659 милиони денари што претставува околу 28 отсто од очекуваниот прираст до крајот на годината.

Годишното зголемување на вкупните кредити и натаму во најголем дел се должи на растот на денарските кредити. Девизните кредити го задржуваат умерено позитивниот придонес кон вкупниот годишен прираст на кредитите.

Пораст бележат и нефункционалните кредити кои во вкупните кредити учествуваат со 12,3 проценти. Ваквите движења, според НБРМ,  во целост се должат на натамошниот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор.

Девизните резерви на крајот на ноември изнесуваа 2,421,2 милиони евра и бележат пад од 13,8 милиони евра во однос на крајот на третиот квартал 2014 година.

Од НБРМ наведуваат дека падот на девизните резерви во најголем дел се должи на нето-продажбата на девизи од страна на Централната банка на девизниот пазар и трансакциите за сметка на државата, кои делумно беа неутрализирани со позитивните движења кај валутните промени и промените на цената на златото и трансакциите на НБРМ.

Девизните резерви, уверуваат од НБРМ, и натаму остануваат во сигурна зона. 

 

 

Оцени ја веста

30.12.2014 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега