Груевски најави најмалку 25 нови инвестиции во 2015

 

Одлуки за инвестиции во Македонија од најмалку 25 нови компании во 2015 година, продолжување со напорите за членство во ЕУ и НАТО, подадена рака за соработка со опозицијата, многу работа за градежниот сектор и изградба на капитални инфраструктурни објекти, реформи во образованието, инвестиции во здравството,.... најавува премиерот Никола Груевски во денешното новогодишно обраќање. 

На граѓаните им посакува добро здравје, многу љубов, спокојство и лични успеси и на приватен и на професионален план. - Нека чувството на среќа во 2015-та година Ве обземе повеќе отколку во минатото, нека се остварат повеќе лични и семејни желби и планови, нека Бог ни дари добра мисла, бидејки какви ни се мислите, таков ни е животот, порачува Груевски. 

Оценува дека 2014-та беше година на многу предизвици, проблеми, но и успеси и потенцира дека многу често колективниот успех на државата директно или индиректно влијае на индивидуалните успеси и поквалитетен живот. Кажува оти чувствува голема одговорност по осум години власт и повторно добиена доверба од граѓаните годинава.

- Да се добие таква доверба, по 8 години практикување власт во оваа земја со многу проблеми, и по такви тешки времиња на светска, а по неа и европска должничка криза, за мене е таква доверба, што кога размислувам за тоа, чувството на одговорност ме остава без здив. Чувствувам далеку поголема обврска отколку во 2006-та, кон сите Вас, Македонци, Албанци,Турци, Роми, Срби, Бошњаци,  Власи,  христијани, муслимани и останати. Тоа е посебно чувство заради кое беспоштедно работам и јас и мојот тим, да го испорачаме најмалку она што сме Ви го ветиле на изборите и во програмата, а ако можеме и нешто повеќе од тоа, вели Груевски. 

 

Економски развој, нови 25 инвестиции и изградба на инфраструктура

Македонија, укажува, во првите три квартали имаше трет највисок раст на економијата во Европа, веднаш зад Англија и Ирска. Тука веќе имаме и континуитет, бидејки и претходната 2013-та, имавме трет највисок раст на економијата во Европа.

- Носители на растот беа извозот кој имаше огомен раст од речиси 20 отсто споредено со 2013-та, градежништвото кое покрај со градба и реконструкција на локални и регионални патишта, доби на динамика и со градбата на три автопати, градба на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на пругата од границата со Србија до границата со Грција, но делумно и со зголемување на потрошувачката чиј генератор беа зголемувањата на пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор, вели премиерот. 

Оценува дека  активностите за носење странски инвестиции и за создавање добра бизнис клима се исплателе и оти по реализираното ветување за најмалку 20 нови инвестиции годинава се очекуваат уште најмалку 25 нови за догодина.

Странските инвестиции дале нов импулс на нашата економија, но и на многу постоечки македонски компании кои станаа нивни партнери или добавувачи. - Тоа ме чинеше многу труд, време, енергија, напорни патувања, и мене и мојот тим за привлекување инвестиции, но се исплатеше. Се исплатеше и големата посветеност да се создаде добра бизнис клима во земјата, која е предуслов да дојдат странските фирми. Не останавме должни и кон домашните фирми. Не само што сите закони важат и за нив, целата таа подобрена атмосфера на бизнис ја користат и тие, туку за нив излеговме и со нова кредитна линија со најниски можни камати во земјата од 5,5 отсто, што беше сериозно гориво во моторите на домашната економија, наведува Груевски. 

Фактот што Светската банка не вбројува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, според премиерот гарантира успех и за 2015-та. - Досега стекнатото искуство ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015- та ќе го направат истото, вели Груевски. 

Се осврнува на одлуките за инвестиции, отворање нови капацитети, почетоци со градба и првични вработувања, набројувајќи ги плановите и активностите на ОДВ Електрик, Костал, Рехникал текстил, Веибо груп, Капкон.  -  Германската ОДВ Електрик во Охридско-струшкиот регио,н која почна да вработува и планира да вработи вкупно 1.000 невработени лица, а во истиот регион истото го објави и германската Костал исто така со 1.000 вработувања. Германската Ки сејфти системс веќе почна да регрутира вработени, а планира да вработи над 1.000 лица во Кичево, а германската Маркард веќе ја гради фабриката кај Велсе во која почна веќе да ги селектира дел од 600-те планирани вработувања. Германскиот Техникал текстил, кој веќе гради во штипската зона, ќе отвори нови 600 работни места. Две компании објавија свои инвестиции во Прилеп, едната е американската Етанол Јуроп Рињујабл, кој планира вработување на 1000 лица, а втората германската Гентерм, која планира вработување на 2000 невработени, наведува Груевски. 

Веибо груп од Турција, додава, веќе донесе механизација во Ранковце и почна да го подготвува теренот за градба на неколку фабрики во кои планираат да вработат најмалку 5.600 лица. Тие ќе понудат работа за цел регион каде се Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Куманово. На истокот во регионот Кочани-Виница, американската коорпорација Анфенол почна да вработува и планира да достигне најмалку 2.000 лица,  како и холандската Антура која го гради својот капацитет во кој планира да вработи 200 невработени.

Пред две недели, потсетува премиерот, американската Капкон објави градба на фабрика кај Скопје за 400 невработени. Во скопската зона веќе гради фабрика Диатек од Италија каде ќе се вработат најмалку 200 лица, а во истата зона се определија и објавија одлука Монтанте од Италија и фирмата Енергија од Украина. Британската Еуро БПО веќе почна со работа во Скопје, а планира да достигне до 350 лица, Британската компанија Ендава  објави вработување на најмалку 450 информатички инжињери во Скопје, а на листата се и Менсан од Турција, бугарската Филкаб, ИТЕК од Италија, која почна да гради во Тетово, Гришко од Русија кој ја најави втората фаза во Демир Хисар со 200 нови вработувања, Истем медикал од Турција, турските Про лајн и Мач груп и повеќе други, вели Груевски.

Во новогодишното интервју Груевски се осврнува на посветеноста на сите кои се вклучени во привлекувањето на инвестициите. Тоа, оценува, е силно забревтана машина, добро организирана, со големо искуство, и многу посветена на привлекувањето нови компании кои ќе отворат нови работни места за невработените во Македонија.

Паралелно на инвестиците, потенцира премиерот, остануваме многу посветени и на домашните компании, како во правец да им помогнеме за нивниот развој, така и во правец да ги поврзиме со странските кои доаѓаат, да станат нивни партнери, и преку тоа да заработат и да отворат нови работни места.

Според премиерот, не е случајно што невработеноста во 2014-та континуирано се намалуваше, и достигна 27,9, што, потенцира, се уште е високо, но многу пониско од 38-те отсто кои ги наследивме, и не е случајно што индустриското производство расте 15 месеци по ред и со раст од 5,2 има петти највисок раст во Европа, а државниот долг остана низок до умерен со околу 39 отсто.

- Покрај новите компании, растот на извозот, и градежништвото имаше и ќе има многу работа и во 2015-та. Во полн ек се градбите на трите автопати и железницата кон Бугарија, но следната година некаде летото ќе почне и градбата на експресниот пат со четири ленти од Штип кон Кочани, и од Градско кон Прилеп, а кон крајот на 2015 и експресните патишта со четири ленти од Охрид до Пештани и автопатот од Требениште до Струга. Ќе се заврши и експресниот пат Велес - Штип до Кадрифаково, а очекуваме да најдеме концесионер и за автопатската делница Кичево-Гостивар, каде ако се биде во ред градбата би почнала во 2016. Ќе продолжат и градбите и реконструкции на други патни правци меѓу кои и Миладиновци Куманово, Неготино-Демир Капија, Велес-Катланово и повеќе други, најавува премиерот. 

Во 2015-та, додава, очекуваме да почне градбата и на гасоводната мрежа од Куманово до Штип, а да се обезбедат услови и за останататиот примарен гасовод низ Македонија. Секундарната гасификација во Скопје и скопско со инвестиција од 100 милиони евра, како и секундарната гасификација во источна и западна Македонија е исто така дел од плановите за 2015-та. Фокусот ќе остане и на изнаоѓање алтернативни извори за донесување поголеми количини гас за Македонија, вели премиерот.

Како и годинава и во 2015 година, според Груевски, ќе продолжи ветеното зголемување на пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор, но и политиката за поддршка на земјоделството  и македонското село со нови 150 милиони евра за субвенции и рурален развој. Ќе продолжи, најавува, и проектот „Купи куќа купи стан“, со кој досега над 430 семејства го решиле станбениот проблем,  и останатите проекти кои даваат добар резултат или наоѓаат одличен одѕив кај народот, бесплатниот железнички превоз и бесплатниот влез во културните установи во одредени денови за младите и пензионерите, бесплатниот викенд за пензионерите, мерката за субвенционирање на придонесите на секој кој ќе вработи млади луѓе до 29 години, со која 5.700 лица се вработија, како и можностите за ултра поволни кредити за младите луѓе кои сакаат да започнат бизнис.

- Преку другите активни мерки за вработување обезбедивме уште над 5.000 работни места во 2014., а најмалку толку ќе има и во 2015. Не беа и нема да бидат заборавени лица со хендикеп, на кои континуирано им се помага со постојните и нови мерки. Ветениот отпис на долгови, под одредени услови, е во длабока фаза и тој ќе заврши. Досега над 2.000 ранливи категории лица, добија решенија за отпис на различни долгови во износ од над 2 и пол милиони евра, потенцира премиерот. 

Реформи во образованието за повеќе меѓународно конкурентни професори и студенти 

Во следната година, истакнува премиерот, влегуваме со започната процедура за две крупни реформи во образованието.  Појаснува дека со првата реформа се регулира дејноста наставник, се формира академија за наставници, и се даваат стимулативни мерки за секој  кој ќе се запише на Педагошки факултет, со цел таму да се привлечат најдобрите студенти. По оваа реформа, најавува, секој кој ќе студира педагошки факултет ќе добива месечно по 10.500 денари за време на студирањето, бројот на упишани ќе биде ограничен и строго селектиран исклучиво според квалитетот, се воведува плус една година академија за време на чие студирање секој месец студентите ќе примаат по 21 илјада денари помош од државата, и конечно оние кои под овие услови во иднина ќе завршат ќе имаат загарантирано вработување. Има новини и за постојните наставници, имено, секој од актуелните наставници кој ќе заврши едногодишна академија, ќе има за 3.000 денари повисока месечна плата,  посочува премиерот и порачува дека целта е во иднина новите генерации да ги учат и оформуваат најдобрите и најквалитетните, добро обучени учители, наставници и професори во основните и средните училишта.

Втората крупна реформа, појаснува премиерот, е поврзана со високото образование, нешто што деновиве е многу актуелно. Со неа се предвидува, почнувајки од 2018-та, секој професор да издава најмалку два труда во пет години во реномирани меѓународни списанија со фактор на влијание, објавени на листата на Томсон Ројтерс - веб оф сајанс.

Ова, вели премиерот, предизвика вознемиреност кај дел од македонските професори, која резултираше и со протести, но на Македонија и се потребни квалитетни професори и напредни научници, кои својот квалитет нема да го мерат само локално меѓу себе преку колумни низ дневните весници и бистрење политика, туку меѓународно со своите колеги од сите напредни држави.

- Ова на краток период ќе го наруши нивниот комодитет, но долгорочно сите добиваме. И со оваа мерка, доколку целосно се спроведе, Македонија ќе остане меѓу последните во Европа според бројот на меѓународно признати трудови на македонските научни работници и професори, од некаде мора да се почне. Да не бидам погрешно разбран, факт е дека ние во моментов имаме меѓународно конкурентни професори, но нивниот број не е голем, и тоа е предизвикот пред нас. Споредбите со Словенија и другите земји од регионот каде имаат по 10 пати повеќе научни трудови, говорат се. Не сакам ни да помислам во овој момент да правиме споредба со земјите надвор од регионот како Германија, Франција или Америка, наведува премиерот. 

Според него, со втората значајна реформа, државниот испит, треба да стави крај на купувањето дипломи без знаење, на корупцијата на факултетите, на добивањето оценки без знаење, што е на штета на самите студенти, но и на целото општество. Македонија, порачува, нема избор, освен својата иднина да ја позиционира и базира на знаење и креативност. Не можеме иднината да ја базираме на некои огромни резерви на нафта, гас или други рудни богатства, ниту пак на илјадници километри морски плажи, ниту пак на што било друго што го немаме. Ги имаме нашите умови, и само со реално и меѓународно конкурентно знаење, интерактивна настава базирана на развој на креативноста и претриемничкиот и иноваторски дух можеме да очекуваме поголеми успеси и среќа, како индивидуално, така и колективно како држава, вели Груевски. 

Инвестициски бран и обуки во здравството

Во здравството во 2015 година, според премиерот, ќе продолжат силниот инвестициски бран и системски мерки за подобрување на организацијата на овој сектор, условите за пациентите, за лекарите и медиционскиот персонал. Обуките во најнапредни и најреномирани болници и клиники во Европа и Америка  на  лекарите и медицински сестри кои наместо по 500 годишно како досега, ќе бидат по 1.000 годишно од 2015, што силно ќе го зголеми знаењето и искуството и ќе овозможи подобра здравствена услуга на сите во Македонија, наведува премиерот и се осврнува на стартот на државната и неонаталната кардиохирургија, како и на динамиката за изградба на новиот објект на комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје и на Штипската клиничка болница, чија градба ја најавува за првите четири месеци од следната година. Од остварените заштеди годинава во овој сектор  од околу 14 милиони евра, најавува дека следната година ќе се реновираа прилепската и битолската болница, кумановската ќе добие ургетен центар, а клиниката Св.Наум Охридски во Скопје, како и некои други болници и клиники ќе добијат дополнителна опрема.

Претпазливи кон националните интереси, опозицијата да извлече поуки од своите грешки

Премиерот ветува дека во 2015-та ќе продолжиме со нашите напори за зачленување во НАТО и ЕУ и нагласува дека шесте препораки на ЕК за почнување на преговорите се показател за нашата досегашна посветеност на ова поле. - Немањето волја кај нашиот јужен сосед ниту да се најде решение за ова прашање, ниту пак да го дозволи нашиот влез во НАТО и преговори за членство во ЕУ, беа клучните причини за одлагањата кои ни прават голема штета. Претпазливи кон нашите национални интереси, и со огромна волја за напредок влегуваме во 2015-та година, посочува премиерот. 

Наведува дека се надева оти „опозицијата која годинава доживеа еден од најтешките порази во нивната историја во 2015 ќе извлече поука од сопствените грешки и ќе ја разбере пораката на народот“. Од нас, потенцира, ќе има подадена рака за соработка секогаш, затоа што тоа е од интерес за нашата држава и народ, за демократијата и иднината.

- Со гнев, злоба, без идеи и проекти, со неумесни условувања, со манипулации и интриги не се освојува поддршката на граѓаните. Напротив, со многу труд, работа, посветеност, искреност и креирање добро обмислени и пресметани идеи за сите граѓани, укажува Груевски и додава дека  како влада и владејачки партии ќе останат фокусирани на препознавање на сопствените грешки, на слабости и пропусти. Само така, смета, можеме да останеме конкурентни на политичката сцена и да ја освојуваме довербата на мнозинството граѓани.

Во новогодишното интервју премиерот се осврнува и на претстојните измени и дополнувања  на Уставот и стапувањето во сила на комплетно нова законска регулатива во државната и јавната администрација, со што оценува дека од корен ќе се променат некои состојби и проблеми и ќе се дадат нови можности на вработените во администрацијата.  Следува и пакет на крупни измени во законите во судството кои треба да креираат уште поефикасно и поправично судство. Продолжува и силната борба против криминалот и корупцијата. Во 2014-та Македонија се искачи за три скалила на листата на Транспаренси интернешнел, а со посветеност на ова поле, без селективност во мерките, цврсто верувам резултатите ќе продолжат да доаѓаат, порачува Груевски. 

 

 

Оцени ја веста

31.12.2014 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега