Од понеделник литар гориво под 50 денари - нов пад на цената на горивата
Вртоглавниот пад на цената на нафтата не ги размрда цените на домашниот пазар. Како по некое непишано правило, кога горивата поскапуваат се прави нагорна корекција, а кога трендот е обратен имаме статус кво ситуација. Нема промена ниту во делот на транспортот, ниту кај прехранбените и индустриските производи во чија финална цена, овој енергенс игра значителна улога во влезните трошоци, анализира ЛИДЕР.
„Сега е добра цената на горивата, но треба да поевтинат и другите производи. Логично е да падне цената и на другите артикли“
„Мислам дека се уште има простор за поевтинување“
„Сега ни остануваат повеќе пари, но треба и другите продукти да поевтинат“ – коментираат граѓаните.
Дел од стопанствениците веќе прават пресметки дали имаат простор да ја спуштат цената на своите производи, за на тој начин да бидат поконкурентни на пазарот.
„Голем дел од компаниите, особено во делот на индустријата, во периодот кога цената на горивата беше многу висока се преориентираа и како главен енергенс почнаа да ги користат електричната енергија и гасот. Кај овие компании, моменталното намалување на цената на горивата нема директно да влијае на намалувањето на цената на финалните производи. Но, во проекциите за 2015-та година, одредени компании веќе прават калкулации за да видат дали може да дојде до одредено намалување на цените, а со цел да бидат поконкурентни на пазарот“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Поголеми отстапувања од моменталните цени не се очекуваат ниту во делот на транспортот. Големите превозници сметаат дека и сега работат на прагот на рентабилноста, иако признаваат дека пониските цени им одат во прилог, бидејќи им се намалени трошоците.
„Веќе чувствуваме притисоци од страна на корисниците на нашите услуги. Тие секогаш кога паѓа цената на нафтата бараат намалување на цената на транспортот, а не сакаат зголемување кога нафтата поскапува. Нашата работа во прв ред зависи од понудата на стока за превоз, бидејќи има сезонски карактер. Затоа на нашата работа многу влијаат економските и политичките кризи, снежните непогоди и затоа велам дека ние не работиме 365 дена во годината. Падот на цената е позитивно за нас, но сметам дека би било погубно доколку транспортерите се решат да ги намалат цените за превоз“ – објаснува Билјана Муратовска од МАКАМТРАНС.
Засега граѓаните го чувствуваат поевтинувањето на нафтата само на бензинските станици, иако аналитичарите оценуваат дека економиите на земјите во развој ќе имаат ќар од целата ситуација на пазарот.
Нафтената ценовна „војна“ – шанса за земјите во развој
Вртоглавниот пад на цената на нафтата ќе го поттикне економскиот раст во земјите во развој, зависни од увоз на „црното злато“. Светската банка во својот последен извештај оценува дека овие земји, меѓу кои е и Македонија, ќе имаат шанса да ќарат од падот на цената на нафтата, да ја подобрат конкурентноста, да ги намалат инфлаторните, надворешните и фискалните притисоци, да добијат одврзани раце за спроведување структурални реформи.
„Намалените цени се добра вест за земјите во развој кои увезуваат нафта. Тоа ќе ги подобри можностите за економски раст, ќе ги намали инфлаторните притисоци и ќе им помогне да ја одржат стабилноста. Од друга страна, ова ќе предизвика главоболки кај земјите извознички на нафта, особено кај оние земји коишто се соочуваат со девалвација на валутите и имаат слаба финансиска и фискална стабилност. Падот на цените за овие земји може да претставува голем проблем“ – смета директорот за развој во Светска банка, Ејхан Косе.
На иста линија е и македонскиот универзитетски професор Томе Неновски, кој смета дека ова е добра шанса за домашната економија.
„Ова е благопријатна ситуација за економијата на Македонија, бидејќи нафтата е главен влезен трошковен елемент во производствениот процес. Со самото тоа што сега се намалуваат овие трошоци, на фирмите им се отвора можност за поголема продуктивност, за намалување на цените и за зголемување на нивната конкурентност, се отвора можност за поттикнување на економијата. Мислам дека е ова историска шанса која нашата економија треба да ја искористи во овој период“ – објаснува професорот Неновски.
Како ќе се развива ценовната „војна“?
Многу аналитичари оценуваат дека и во претстојниот период ќе продолжи пресметката меѓу производителите на нафта и дека секој ќе се бори за подобра позиција на пазарот. Членките на ОПЕК остануваат на дневна квота од 30 милиони барели со единствена цел – да ги елиминираат американските компании кои произведуваат нафта од шкрилци. Овој процес е значително поскап и е исплатлив само при високи цени. Според податоците на американската служба за енергија, благодарејќи на новата метода, за прв пат по 1970 година, производството на сурова нафта во САД надмина 9 милиони барели дневно.
„Ваква ситуација одамна немало на берзите. Има повеќе причини за падот на цената на нафтата. Прво, тоа се зголемените производство и понуда на нафта на светските берзи, особено од страна на САД. САД има извадено извонредно големи количини од нафтените шкрилци. Второ, потрошувачката на нафта е намалена како резултат на вкупната економска состојба во поголем дел од светот, особено во Европската унија. Трет важен фактор при дефинирањето на цената на нафтата е растечката цена на доларот, преку кој се пресметува цената на нафтата. Оваа релација историски се повторува, односно, кога цената на доларот оди нагоре се намалува цената на нафтата и обратно“ – објаснува професорот Неновски.
И многу светски аналитичари не очекуваат опоравување на цената на краток рок. Има многу залихи, а ниска побарувачка од страна на ЕУ, но и од големите земји како Индија и Кина, чии економии забавуваат, што создава надолни притисоци на пазарот.
Во понеделник нов пад на цената на горивата!
Сите показатели одат во насока дека и овој понеделник, Регулаторната комисија за енергетика ќе објави нови, пониски цени на горивата во Македонија. „Црното злато“ и во изминатите две недели поевтинуваше на светските берзи. Во моментов во земјава се точат горива по рекордно ниски цени: 62 и 63,5 денари за литар Еуросупер БС – 95 и Еуросупер БС – 98, но и 52,5 денари за литар Еуродизел.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа