Груевски оствари билатерални средби и разговори со повеќе политичари и премиери

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска на маргините на глобалниот самит “Вибрант Гуџерат” кој се одржува во градот Ахмедабад, Република Индија, оствари билатерални средби и разговори со повеќе политичари и премиери кои учествуваа на самитот.

Премиерот Груевски оствари средба со премиерот на Индија, Нарендра Моди, на која беа констатирани добрите политички и економски односи меѓу двете земји, кои во последниот период бележат интензивирање што дополнително придонесува за зајакнување на пријателството меѓу двете држави. Двајцата соговорници разменија мислења за можноста за продлабочена економска соработка.

Премиерот Груевски го информираше својот соговорник за мерките и реформите кои се превземаат на економски план. Тој посочи дека се спроведе реформата регулаторна гилотина со кој се скратија илјадници бирократски процедури, а добар дел од нив и во целост се укинаа. Ја образложи и даночната политика која ја води државата при што потенцираше дека Македонија е држава со најниски трошоци за водење бизнис во Европа, како и постоењето на рамен и низок данок при што персоналниот данок на доход и данокот на добивка изнесуваат 10%. Премиерот ги објасни и поволните услови за инвестирање и во технолошко индустриските развојни зони при што потенцираше пред индискиот премиер дека индиските компании се добредојдени за инвестирање. Премиерот Груевски го покани својот индиски колега во наредниот период да ја посети Република Македонија.

Премиерот на Индија Моди изрази задоволство што двете држави имаат нагорен тренд на развој на меѓусебните односи и на билатерален и на мултилатерален план. Тој искажа благодарност што премиерот Груевски ја посети Индија и што зеде учество на престижниот самит во Ахмедабад. Истакна дека Индија е насочена кон дисперзирање на својот капитал надвор од границите при што Европа е еден од тие центри и го изрази своето задоволство што и Република Македонија исто како Република Индија има интерес за продлабочување на соработката.

Двете држави пред извесен период потпишаа меѓусебни договори за одбегнување на двојното оданочување и заштита на инвестициите, а на средбата двајцата премиери искажаа подготвеност за иницирање на постапка за потпишување на договори за економска соработка, за соработка во земјоделието и во областа на културата.

Премиерот Никола Груевски на маргините на самитот оствари билатерална средба и со премиерот на индиската држава Гуџерат која е и домаќин на денешниот самит, Анандибен Пател. Премиерот Груевски оствари и разговори со претседателот на Светската банка, Џим Јонг Ким со кого ја констатираа одличната меѓусебна соработка која постои во однос на реализација на повеќе актуелни проекти. Разговор беше остварен и со државниот секретар на САД, Џон Кери, генералниот секретар на Обединети нации, Бан Ки Мун, како и со повеќе други премиери, министри и извршни директори на компании кои беа присутни на самитот.

 

 

Оцени ја веста

11.01.2015 - 14:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега