Најреномираната индиска болница со интерес за соработка и инвестирање во нашата земја

 

Премиерот Никола Груевски денес оствари средба со менаџментот на болницата Аполо, која во Индија е најреномираната болница и има над 50 големи медицински центри.

Остваривме средба со компанија која што ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината. Со нив разговаравме за можности да отворат во иднина болница во Македонија особено во новите здравствени зони, а пројавуваат интерес и за бањскиот туризам, истакна премиерот Груевски.

Финансискиот директор на Аполо болниците, Ени Мари Монкури истакна дека Аполо е најголемата здравствена установа која овозможува здравствена грижа. Истакна дека менаџментот е заинтересиран за можноста за соработка и инвестирање во повеќе области во Македонија, при што ги потенцираше областа на здравствената заштита, размената на доктори, и инвестициите во спа-центри.

-Имаме 50 болници и опслужуваме 1500 пациенти дневно. Лидер сме во хирургијата и трансплантација. Многу сме возбудени од можностите кои Македонија ги презентира. Прекрасна локација е, а Владата е насочена кон иднината, и се радуваме за можноста да соработуваме на секој можен начин. Извршниот директор г-ѓата Питерети денес се согласи на размена на доктори и физичари кои ќе вежбаат роботика во нашите центри. Аполо е посветена кон развивање и на спа-центри и здравствена заштита проширувајќи се низ светот, изјави директорот Монкури по средбата.

indijapretstavnici22

Премиерот Груевски оствари средба и со повеќе други менаџери на компании кои се заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, а чија цел е отворање на нови работни места. Тој се сретна и со претседателот на Инвестицискиот фонд во Индија и директор на Коптал Партнерс Груп, Чакри Локаприја.

-Мислам она што го создаде македонската Влада е феноменална инфраструктура и одлични услови како и добра даночна политика и создадени различни инвестициски зони. Затоа мислам дека ќе привлечете капитал и други компании кои ќе инвестираат. Македонија е земја која се развива, економијата се развива брзо, и имате потреба од различни големи компании, а истовремено завршивте голема работа отворајќи економски зони, истакна Чакри Локаприја.

Премиерот Груевски и владината делегација во текот на денот ја продолжува својата посета на Република Индија при што ќе престојува во градот Калкута, каде ќе оствари повеќе средби со компании и ќе го посети меморијалниот центар Мајка Тереза.

 

 

Оцени ја веста

13.01.2015 - 22:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега