Спасов до социјалните семејства: Аплицирајте за бесплатните летувања во Струга и Пелистер

Денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов оствари средба со раководителите на седум одделенија што функционираат во рамки на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје.
 
Спасов информира дека на средбата се разговарало за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат вработените, како и за текот и реализацијата на проектот за бесплатен одмор, летување и рекреација на децата од семејства кои се во социјален ризик и корисници на посебен додаток.
 
- Јавниот повик трае до 25 јуни и се уште има време за аплицирање и слободни места. Летувањето ќе се реализира во туристичките центри во Струга и на Пелистер. Обезбеден е бесплатен превоз, бесплатно сместување и полн пансион од седум дена, со шест ноќевања. Децата со инвалидност и децата без родителска грижа имаат право на придружник, појасни Спасов.
 
Околу 2.000 деца од цела Македонија ќе можат да одат на летување. Министерот за труд и социјална политика ги повика сите родители да аплицираат во центрите за социјална работа и додаде оти право да конкурираат имаат и оние кои лани биле на летување.
 
Спасов најави дека наредниот период ќе се залага да посети повеќе центри за социјална работа со цел подобрување на услугите на граѓаните.
 
На новинарско прашање Спасов рече дека центрите имаат потреба од реновирање, обезбедување средства за работа и за дополнителен кадар.
 
ФОТО: МТВ

најчитано сега