Годинава нови 8.200 вработувања - невработеноста историски најниска

 

Владата го претстави новиот оперативен план за намалување на невработеноста во 2015-та година. Со активните мерки ќе бидат опфатени повеќе од 16 илјади невработени, се очекува да се отворат околу 8.200 работни места.

„Очекуваме со новиот оперативен план годинава директно да се вработат 8.200 невработени лица и тоа 3.200 луѓе преку активните мерки за вработување и 5.000 млади луѓе до 29 години со мерката за ослободување од плаќање придонеси за време на една година за приватните компании“ – објаснува вицепремиерот Пешевски.

Програмите за вработување ќе се финансираат од државната каса, но и со пари од ИПА – фондовите на Европската унија, со средства од Светска банка, УНДП и УСАИД. Обезбедени се вкупно 660 милиони денари.

Предвидени се повеќе мерки и програми

Годинава е предвидено да се реализираат повеќе мерки и програми. Прво, ќе им се обезбеди помош и поддршка на невработените во процесот на барање работа, преку работните клубови во центрите за вработување. Следуваат мотивациските обуки, професионалното и кариерното советување. Ќе се посредува и при самото вработување, за да се олесни поврзувањето меѓу понудата и побарувачката на работна сила. Тесно ќе се соработува со самите компании и бизнисмени, со цел на работодавачите да им се понудат квалитетни услуги и кадар за задоволување на нивните потреби од работна сила. Ќе им се помага на лицата од социјален ризик при добивањето работа, а ќе продолжат да се реализираат и програмите кои даваат најдобри резултати, како програмата за самовработување, што подразбира помош при изработката на бизнис – планот и стартувањето на новиот бизнис (предвидена е поддршка со неповратни средства во висина од 201.600 денари, од кои 185.000 директна поддршка за набавка на опрема и репроматеријали + 16.600 денари за советување). 60 милиони денари им се ставени на располагање на младите луѓе до 29 години да почнат свој, сопствен бизнис.

Ќе остане поддршката за микро и малите фирми да отворат нови работни места, програмата за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик до 29 години, како и ослободувањето од придонеси во рок една година за компаниите кои ќе вработат млади луѓе.

„Планирано е да се опфатат 8.760 млади луѓе, а да се постигнат вкупно 6.200 вработувањa на млади до 29 години. Од нив, 5.000 преку мерката за ослободување од плаќање придонеси за 12 месеци за приватни компании, а 1.200 преку другите мерки. Ги охрабрувам сите евидентирани невработени лица кои претставуваат активни баратели на работа, кои имаат бизнис- идеја и сакаат да ја реализират, кои сакаат да ги искористат можностите и да си обезбедат вработување и егзистенција, да ги следат јавните повици и да аплицираат на нив“ – апелира министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Покрај овие мерки кои предвидуваат директно вработување, остануваат програмите кои ги подготвуваат невработените лица на пазарот да излезат со потребните вештини, со цел адекватно да одговорат на побарувачката на работна сила. Тоа се обуката кај познат работодавач, обуката на работно место со субвенционирано вработување, обуката за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот, обуката за напредни ИТ – вештини, практиканството.

Досегашното искуство покажува дека секој четврти што учествувал во некоја од програмите на крајот дошол до работно место.

„Досега за разните мерки, од 2007-та година, аплицирале над 70.000 невработени лица, постигнати се 36.700 вработувања, а во овој момент се вработени над 27.000 луѓе“ – вели директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Поповски тврди дека минатата година го натфрлиле првичниот план, како во делот на опфатот, така и во делот на вработувањата. Било планирано со програмите и мерките да бидат опфатени 10.000 невработени, а крајната бројка достигнала 27.000, од кои 5.000 дошле до работно место.

Невработеноста на историски најниско ниво!

Мерките и програмите за намалување на невработеноста, подобрената бизнис клима, зголемената активност на домашните компании, но и новите работни места кои ги отворија странските инвеститори, во и надвор од зоните, придонесоа невработеноста да се спушти до историски најниско ниво. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека невработеноста изнесува 27,9%, а изразено во бројки, без работа се 267.428 луѓе. Сега стапката на невработеност е за 10% пониска во однос на пред 10 години, бидејќи во 2015-та таа изнесуваше огромни 37,3%.

 

 

Оцени ја веста

14.02.2015 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега