Мерките за вработување - стимулација на бизнис заедницата за нови работни места

 

Приватните компании членки на Сојузот на стопански комори денеска на Форумот за работодавачи што се одржа во Скопје се запознаа со активните мерки и програми за вработување и новите мерки и бенефиции кои наскоро ќе стапат на сила. На темата „Со подобри политики на поддршка до повеќе вработувања во бизнис секторот“ свое обраќање имаа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на ССК Данела Арсовска и директорот на Агенцијата за вработување на Р.Македонија Влатко Поповски.

Спасов истакна дека заедно со АВРМ досега организирале 15 вакви форуми за работодавачи, кои ќе продолжат и во иднина: -Во самиот оперативен план за активни мерки и политики за вработување за 2015 година предвиден е износ од 660 милиони денари од кои најголемиот дел од овие средства ќе одат како субвенција кај приватните компании со цел да се мотивираат, стимулираат и субвенционираат за да отворат нови работни места, истакна министерот за труд и социјала и посочи дека во функција останува мерката за млади, така што секоја приватна компанија која што ќе вработи младо лице до 29 години, 12 месеци да биде ослободено од плаќање на придонеси, мерка која што е во функција една година и дава значителни резултати.

Спасов најави и нови мерки за компаниите како ослободување за плаќање на продонеси за повеќе години кои ќе стапат во сила наскоро.

-Како на пример за лицата до 35 години ослободување од плаќање придонеси за три години со обврска за приватните компании да ги задржат на работа уште една година. За повозрасните граѓани и за ранливите категории кои ќе бидат вработени ќе следува ослободување за компаниите кои ќе ги вработат дури 5 па и повеќе години, рече Спасов.

Претседателката на ССК Арсовска истакна дека мерките за вработување на млади лица и најавените нови сет мерки кои ќе стапат на сила, субвенционирањето на директни вработувања во компнаниите и обуките за невработените се добредојдени за компаниите кои имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреба од нови вработувања.

-Верувам дека мерките ќе ги мотивираат работодвачите да го зголемат капацитетот на човечки ресурси во нивните компании, да се квалификуваат и да придонесат во развојот на комапниите, истакна Арсовска.

 

 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 12:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега