„Македонија вработува“ погоди во целта
Раздвижување на пазарот на трудот, помала невработеност, целосно искористување на потенцијалот и на ресурсите, стимул за компаниите да отворат нови работни места – ова се очекувањата на економистите, синдикатот и на работодавците од новиот сет владини мерки, насловен „Македонија вработува“. Проектот е димензиониран да опфати 150 илјади луѓе. Според претседателот на ССМ со ова ќе се реши еден децениски проблем со повозрасната категорија работници, пишува Лидер.
Ние долго време имавме мака на кој начин и под кои услови тие работници да се вработат, бидејќи голем дел од стечајните работници имаа проблеми при нивното вработување. Сега со овие мерки и со самите бенефити што им се даваат на работодавците, во поглед на плаќањето на социјалните придонеси и на персоналниот данок, мислам дека се создава една реална атмосфера на пазарот на трудот“ – оценува првиот синдикалец, Живко Митревски.
Креираниот пакет законски измени ги мотивира компаниите да отвораат нови работни места, бидејќи во одреден временски период, зависно од категоријата на ангажирната работна сила, ќе бидат ослободени од плаќање придонеси и персоналец.
Невработените се сместени во пет групи. Во првиот барабан се работниците на возраст до 35 години кои биле невработени најмалку 3 месеци претходно и за кои фирмите се ослободени од плаќање придонеси во рок од 3 години, со обврска да го задржат работникот уште една година. Со вториот сет се опфатени лица од 35 до 50 години, кои се без работа најмалку 10 години, а за кои ослободувањето за компаниите изнесува пет години. Третиот и четвртиот сет се однесуваат на работниците над 50 години и на ранливите категории, како родители на 3 и повеќе деца, самохрани родители, приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, поранешни професионални војници, лица со ограничена деловна способност. Петто, за работниците на возраст над 58 годии нема да се плаќаат придонеси сè до нивното пензионирање.
„Со ова ќе се намалат трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување, намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош. Ова е можност за компаниите да селектираат добра работна сила“ – оценува првиот човек на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков.
Мерките ќе важат една година, а дизајнирани се на начин на кој ќе се избегнат евентуалните злоупотреби од страна на компаниите, кои не може да ги избркаат постојните и да ангажираат нови работници преку АВРМ. Напротив, фирмите ќе се мотивираат да побараат слободна работна сила на пазарот на трудот и за тоа ќе добијат субвенција.
„Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност“ – објаснува професорот Јован Пејковски.
Според последните податоци на ДЗС во последниот квартал од 2014-та година без работа биле 265.370 лица, а стапката на невработеност се намалила на 27,6%.
Како се движеше невработеноста?
За 8 години невработеноста се намалила за над 8 проценти. Од 36 проценти на крајот од 2006-та, стапката на невработеност во 2014-та се спушти на 27,6 проценти, историски најниска досега. Статистичарите регистрираат континуирано намалување на невработеноста, а интересно е што и во пикот на кризата продолжила ваквата тенденција.
Убедливо највисоки стапки на невработеност во земјава се регистрирани во 2003-та, 2004-та и 2005-та година, и тоа од 36,7%, 37,2% и 37,3%, што е 10 проценти повеќе во однос на моменталната стапка.
Да се работи во делот на младите!
Податоците на Статистика сигнализираат дека треба позасилено да се работи на вработувањето на младите луѓе. Стапката на невработеност кај лицата од 15 до 24 година изнесува 50,4%. Оттука и мерките треба да бидат димензионирани кон оваа категорија. Според последните податоци, со проектот за вработување млади луѓе до 29 години, преку ослободување од плаќање придонеси во рок од една година, досега се овозможиле над 7.700 вработувања, а во него учествувале 4.229 компании.
Активните мерки ја намалуваат невработеноста
Мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец. Активните мерки за вработување даваат резултати – тврдат надлежните.
„Од 2007-та до денес, во мерките за вработување со апликација учествувале повеќе од 70 илјади невработени, а се овозможиле 36.700 вработувања. Во моментот се вработени над 27.000 лица, без мерката за ослободување од придонеси“ – објаснува директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Проекцијата на властите е дека до 2018-та година, преку активните мерки, странските директни инвестиции и домашниот приватен сектор, стапката на невработеност да се намали на 22%.
Евростат ги објави новите податоци
И Европа ја мачи истиот проблем, високата невработеност меѓу младите до 25 години. Стапката постепено се намалува и во февруари годинава достигна 21,1% во ЕУ (4,85 милиони млади) и 22,9% во еврозоната. Најкритично е во земјите од југот.
Вкупно во Европа без работа биле речиси 24 милиони луѓе. Стапката на невработеност во ЕУ изнесувала 9,8%, а во еврозоната 11,3%
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа