Долг за принудниот кредит од 11 милијарди евра

Политика - Белград

Освен репарацијата за периодот на окупацијата од околу 300 милијарди евра, Атина има право од Берлин да бара и исплата на кредитот од 11 милијарди евра даден под принуда. Толку денес би вредела сумата која Третиот Рајх ја земал од Грција во текот на Втората светска војна. До тој заклучок, меѓу другите, дојде студијата од речиси 200 страници на грчкиот министер за финансии. 

Кредитот и бил наметнат на Грција во април 1941 година, кога Вермахтот навлегол во земјата за да им помогне на италијанските сојузници. За да ги одржуваат своите трупи, Германците побарале пари од грчката Влада, во согласност со циничната пракса која била вообичаена по Хашката конвенција од 1907 година, ги пренесува наодите од студијата весникот „Шпигел“, чии новинари своевремено пишувале за триковите на кои во 1990 година прибегнувал тогашниот канцелар Хелмут Кол, за да го избегне плаќањето на репарациите на Грција.

Според достапните податоци, Германија отишла чекор подалеку од таа бизарна пракса. Имено, Вермахтот барал Грција да го финансира и одржувањето на неговите трупи на останатите фронтови, балканскиот, рускиот и северноафриканскиот, иако Хашката конвенција тоа го забранувала. Во почетокот окупаторите од Владата во Атина побарале 25 милиони рајхсмарки месечно. Но, всушност земале и повеќе пари, од август до декември 1941 година грчката централна банка морала да им исплати околу 12 милијарди драхми.

Прашање е дали сега Германија како наследник на Третиот Рајх е должна да ги врати и заемите кои ги изнудиле нацистите. Како што пишува „Шпиге“, има докази дека таа обврска постои. За почеток, наведува германскиот весник, тука е книговодството на Третиот Рајх. Во нивните книги 26 дена пред крајот на војната наведено е дека грчкиот долг врз основа на принудни заеми изнесува 476 милиони рајхсмарки.

- Тој огромен долг мора да се врати, без ако или но... За репарациите се разговара на политичко ниво. Долговите мора да се вратат, дури и тие меѓу пријателите, оцени за „Шпигел“ Хаген Флајшер, германски историчар.

Флајшер и пред оваа грчка студија ги истражувал принудните заеми. За нив постојат траги и во повоените германски документи, кои како што изјавил, го шокирале и повеќе од документите за ужасите и страдањата.

Бидејќи, како што објаснува Флајшер, во тие документи германските дипломати го користеле речникот на националсоцијалистите, зборувајќи за конечно решение за т.н. проблеми во врска со воените злосторства и за тоа дека е крајно време да се ликвидира сеќавањето.

Во грчката студија се наоѓаат и податоци за други богатства кои Германците ги земале во текот на окупацијата. Само од приватни куќи, посебно од тие кои припаѓале на грчките Евреи, биле земени околу седум милиони килограми чисто злато, чија вредност денес би изнесувала околу 235 милиони евра.

Германските трупи, додека се повлекувале, ги однеле сите резерви на готовина од локалните и регионалните филијали на централните банки: таа сукма би одговарала на денешни 40 милиони евра.

Прашањето за воените репарации кон Атина, Берлин го смета за затворено, но од Грција пред доаѓањето на премиерот Алексис Ципрас во Германија, упатен е и предлог експерти на двете земји да основаат совет кој би се позабавил со тоа. Таа идеја во интервју за германскиот „Зидојче цајтунг“ ја изнесе грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. - Мора да најдеме заеднички именител за тоа прашање, изјави Коѕиас.

 

 

Оцени ја веста

08.04.2015 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега