Љубовта кон Бога е наша сила како народ - честитка од Комисијата за верски заедници

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска по повод христијанскиот прзаник - Воскресение Христово - Велигден упати честитка до Македонската православна црква-Охридска архиепископија и до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

- Во духот на вековното македонско празнување, и годинава го одбележуваме Христовото Воскресение, тој настан над сите настани, тоа чудо над сите чуда. Велигден ја содржи целата наша историја: нашето минато, сегашност и иднина. Господ Исус Христос вели: „Јас сум вратата; кој ќе влезе низ мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште“. Со раширени раце на крстот, собирајќи нè во својата прегратка ја отвори небесната врата за да преминеме кон вечната радост, вечната правда и вечниот мир. Ни заповеда да го љубиме својот ближен, бидејќи сите ние сме едно големо семејство. Ако се сакаме, ако имаме меѓусебно разбирање и слога, тогаш ќе бидеме спремни да напредуваме во се, се вели во честитката.

Љубовта кон Бога, се додава во неа, е нашата сила како народ, овде, и насекаде каде што нè има, таа е сила која ги победува сите неправди и која ги надминува сите недоразбирања.

- Своето вековно постоење нашиот богољубив народ го потпира токму врз верата. Што би биле ние, и како земја и како народ, без Црквата, што би биле без благодатта и без делата, без сета наша духовност и творештво? Воскреснатиот Христос е темелот на нашата вера, а Велигден-несоборливиот бедем на нашата света Македонска Православна Црква, преку која сме растеле како народ, нè образувала и просветувала, нè водела кон добро, нè тешела во несреќите, а во опасностите и неизвесностите бдеела над нас како вистинска мајка, се истакнува во честитката од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Во овој дух, се додава во честитката што во името на Комисијата до МПЦ ја испрати директорката Валентина Божиновска, посакувам овој голем христијански празник да го поминете во многу љубов и мир, да влее надеж и верба во новиот живот и новиот почеток кој настанува со Христовото распетие. Нека Воскресението Христово - Велигден во донесе здравје, радост и нека ви го осветли божјиот пат на љубовта. 

 

 

Оцени ја веста

09.04.2015 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега