ВМРО-ДПМНЕ: Охриѓани паметат како СДСМ и Петрески криминално владееја во Охрид
СДСМ продолжува да ги повторува истите монтирани, креирани и прилепувани материјали добиени по нелегален пат, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува реакцијата на владејачката партија, по објавата на “бомби“ во Охрид
Соочени со доказите и признанијата за криминалите во кои е заплеткан нивниот лидер Зоран Заев, СДСМ се поочајно се обидуваат нивните лаги и манипулации да ги прикажат како вистина.
Граѓаните не им веруваат, а особени граѓаните во Охрид. Тие го прочитаа нивното сценарио и нивната улога на дестабилизатори на Македонија.
СДСМ се обиде со креираните и манипулативни материјали да се испере за криминалното владеење на нивниот поранешен градоначалник Аце Петрески и раководството на СДСМ во Охрид. Граѓаните паметат дека токму СДСМ и Петревски во Охрид владееа криминално, со поткупи и притисоци врз граѓаните. СДСМ и Петревски во своите криминали во Охрид толку се заборавија, па ја оставија општината во долгови од над 50 милиони евра и со тоа ја претворија во најзадолжена општина во овој дел од Европа. Зарем ваквите манипулативни прес конференции ќе им помогнат на СДСМ за да се извадат за урбанистичкиот хаос и урбанистичката мафија која ја создадоа во Охрид. Никој нема да им го заборави гревот кој го имаат во Охрид исто како што никој нема да им ги заборави десетиците фабрики кои ги затворија и десетиците илјади охриѓани кои ги оставија на улица.
СДСМ продолжува да лаже и да ги става во манипулативен контекст креираните материјали, па така наследство во фамилија од дедовци и уредно пријавено се претставува како грев, а од друга страна се обидуваат да заштитат директор на средно училиште поставен од СДСМ за кој цела јавност виде дека навистина бил во џакузи со средношколки.
Токму во Охрид граѓаните кристално јасно им покажаа на СДСМ дека не заслужуваат да бидат на власт. Во Охрид победата на ВМРО-ДПМНЕ беше чиста и изразена во околу 8 илјади гласови разлика, односно со скоро дупла разлика. Ако СДСМ не го признаваат овој пораз тогаш ги навредуваат и потценуваат граѓаните на Охрид кои јасно ја дадоа својата поддршка.
Граѓаните на Охрид како и сите во Македонија се мудри и знаеле да дадат поддршка на политиките на ВМРО-ДПМНЕ за проектите кои значат подобар Охрид, подобар туризам, нови инвестиции и повеќе работни места. Граѓаните знаеле да ги казнат погрешните и деструктивни политики на СДСМ. Тоа го направија во 2013 година, тоа ќе го направат и следниот пат.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа