Груевски: Зад гласноста на Зоран Заев се крие исплашен човек
Планот на Зоран Заев пропадна, а сценариото се распадна како кула од карти. Фактите и доказите го побиваат секој негов збор.
На јавноста и стана кристално јасно кој во земјава прислушкувал, тоа е потврдено со три признанија во случајот „Пуч“.
Дополнително, неговите креирани материјали не го постигнаа посакуваниот ефект. Единствено, овие дејствија на Заев нанесоа голема штета на меѓународниот углед на Република Македонија. Затоа Заев повеќе не е насмеан, напротив, тој е исплашен и со грч во лицето.
Аналитичарите се согласни дека паднаа маските во СДСМ и дека за тоа е свесен и самиот Заев.
На вчерашниот масовен граѓански собир на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, премиерот Груевски јасно истакна дека колку повеќе Заев се сили, толку е поуплашен самиот опозициски лидер.
Тој се потсети на серијата „Раскажувачот“ со чиј лик го спореди Заев, потенцирајќи дека опозицискиот лидер е уплашен човек.
- Се сеќавам имаше една детска емисија наречена Раскажувачот, во која еден човек покрај камин со куче до него отвораше книга и почнуваше да раскажува. Е тој раскажувач во случајов од струмичко Муртино си дава свој контекст на дополнително креирани, сецкани, лепени, монтирани разговори и од време навреме ќе подвикне, ќе се закани, ќе каже дека е многу силен и не се плаши од ништо, а всушност длабоко во него се крие едно така уплашено човече што дури на тие што добро знаат да проценат личност односно да направат психолошка проценка, им е совршено јасно и многу лесно ќе го видат тоа. И колку повеќе се сили, толку повеќе е уплашен, рече Груевски.
Македонскиот премиер потенцира дека Заев е заложник и обична марионета со згрчена насмевка.
- Тоа му се гледа во нејасниот поглед, во изнасилените и неприродни гестикулации, кои не му се својствени, во згрчената насмевка, демек се смешка, значи треба да веруваме дека е лабав и опуштен, а не сфаќа дека делува како да лапнал лимон, со сето ова што го прави, тој е само еден уплашен човек, кој гледа дека не успеа во неговите намери и во реализација на нарачките на неговите сценаристи, на тие што му го смислија ова. Зашто знаеме сите дека човекот е заложник и обична марионета. Не е ни чудо што неговата најблиска соработничка веќе неколку пати кажува пред различни соговорници дека овие им биле однапред подготвени материјали. Па ние тоа од старт го тврдевме. Најинтересно е што во сето ова нивно палење и ширење на агресија и закани, почнаа да раскажуваат кој каков тип на војска имал. Демек ако има судири по улици, тие биле спремни. И ни повеќе ни помалку си објавуваат во нивните медиуми, во тие што соросовата фондација им ги плаќа. И онака горди објавуваат кој каква војска имал, и демек биле многу силни, опасно ќе било. Бог да чува. Е само тоа може човек да го каже. Бог да чува, рече Груевски.
Ставот на Зоран Заев преминува во агресија. Лидерот на СДСМ тоне во жива кал и не знае како да го најде излезот. Црното сценарио за дестабилизација му пропадна, па тој во неколку наврати спомнува дека не исклучува и тензии, па и можност да падне крв по улиците.
На ова, одговор даде премиерот Никола Груевски кој му испрати јасна порака на опозицискиот лидер- „Да не те лаже ѓаволот да правиш глупости“!
-Го гледам пред некој ден така засилен и раскомотен малку, подолабавена кошулата демек неформален е. Вика гордо, ако треба и крв ќе падне. Слушам не ми се верува, враќам назад, пак слушам, стварно тоа го збори, си викам абе човек, седи мирен и не си играј играчки, тешки зборови кажуваш, не си играј играчки, да не те лаже ѓаволот да правиш глупости, зашто ако седиме мирно и те пуштаме на глава да ни се качуваш, не значи дека ќе дозволиме и граѓански конфликт да направиш. Немој да спиеш те молам на тоа уво дека некој ќе ти дозволи да си играш со безбедноста на државава, не лидер на опозиција, што сакаш биди. И навистина, овој човек како да не е свесен што зборува. Не само заради еден куп глупости што ги изнакажа сиот овој изминат период, туку повеќе и заради фактот што на секои два дена тотално спротивни работи говори, еднаш едно потоа сосема спротивно, рече Груевски.
Според него, не е ни чудо што голем број на претставници на меѓународната заедница кажуваат веќе нескриено дека овој човек нема елементарен капацитет, ниту морален интегритет да биде лидер на опозицијата. Не е ни чудо што оваа операција не им успева.
-Граѓаните не може да бидат излажани, порача премиерот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа